Фото: Игор Бансколиев

Членството на Македонија во Алијансата претставува историски успех и најзначајно надворешнополитичко постигнување, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици и војната во Украина.
Ова е оцената на македонскиот државен врв по повод Денот на основањето на НАТО, при што беше направена рекапитулација на двегодишното членство на земјава во Северноатлантскиот воен сојуз и придобивките од самото членство, особено во светло на војната во Украина.
Претседателот Стево Пендаровски на својот фејсбук-профил истакна дека членството во НАТО беше една од нашите клучни стратегиски цели уште од независноста, поддржана со широк политички консензус на национално ниво и висока поддршка од граѓаните.
– Процесот на пристапување во Алијансата беше долг, беа потребни тешки одлуки и длабински реформи во нашата армија и безбедносниот сектор, но денес, кога меѓународниот поредок е во опасност, ја разбираме важноста од членството во НАТО. Членството во Алијансата јасно ја исцртува и нашата долгорочна ориентација за почитување на вредностите што ги споделуваме со евроатлантската заедница: слободата, демократијата и владеењето на правото, како предуслови за успешен развој – напиша Пендаровски.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, говорејќи на трибината по повод Денот на НАТО, 4 Април, која се одржа во организација на Евроатлантскиот совет на РСМ, истакна дека во кризни времиња се гледаат придобивките од нашето членство во Алијансата.

– Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО беше долг. Но сега, во време на воена криза од вакви размери, согледуваме колку е значајно да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Со право можеме да кажеме дека сме дел од глобалните процеси и дека заедно со нашите сојузници ќе се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста и за мирот во светот – порача Ковачевски.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска оцени дека, гледано од денешна перспектива, јасно е дека Македонија стана членка на Алијансата во вистински момент.
– Тоа ја потврдува исправноста на нашите разумни, храбри и прагматични одлуки. Со членството во НАТО, стабилноста на државата не може да биде разнишана, а безбедноста здружено ја гарантираат С. Македонија и 29 сојузници – потенцира Петровска.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи апелира до Европската Унија да ги забрза евроинтеграциите со земјите од регионот.
– Вонредната ситуација на европскиот континент покажува дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа во оваа пригода упатуваме уште еден силен апел до Унијата за проактивен пристап и забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што е од суштински интерес за зачувување на безбедноста на Европа – истакна Османи, кој беше домаќин на приемот во МНР по повод Денот на НАТО.
Во видеообраќање, американската амбасадорка Кејт Мери Брнз потсети дека САД биле првите што пред две години ѝ посакале добредојде на Македонија во Алијансата.
– Со С. Македонија, НАТО-сојузот само се засили. Како рамноправен партнер, САД се горди што стојат обединети со С. Македонија… Гледаме колку е важно тоа партнерство и за С. Македонија и за Европа – истакна Брнз.
Британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј, рече дека од пристапувањето на Македонија во НАТО пред две години, Обединетото Кралство тесно соработуваше со армијата на РСМ во поддршка на реализацијата на целите на способностите поставени од НАТО.