Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни историски настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив ја воведуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец ќе издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнатите македонски дејци

Во екот на Втората светска војна започнува славниот Февруарски поход, еден од најзначајните настани во македонската Народноослободителна борба. Како резултат на успешните борби се создава поголема слободна територија, се подига борбената свест кај Македонците, се создаваат услови за забрзување на воените операции за ослободување на македонскиот народ и се поставуваат темелите за создавање на современата македонска држава.

На 4 февруари 1872 година е роден Гоце Делчев, македонски национален великан, еден од идеолозите и водачите на Македонската револуционерна организација (МРО) кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Како лидер на македонското револуционерно движење се залагал за независна македонска држава.

На 13 февруари 1947 година во Скопје е формирано Друштвото на писателите на Македонија. Основачите биле повеќе истакнати македонски интелектуалци и општественици, а меѓу нив биле Блаже Конески, Димитар Митрев, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Ристо Крле, Иван Точко и други.
На 17 февруари 1946 година во Скопје беше основано Здружението на професионални новинари во Македонија. За прв претседател бил избран Мито Хаџивасилев-Јасмин, истакнат македонски интелектуалец и општественик, познат како „првото перо“ на македонското новинарство.

На 23 февруари 1967 година е основана највисоката македонска национално-творечка установа, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Свеченото отворање на МАНУ е извршено во октомври истата година, во големата сала на македонското собрание.

На 25 февруари 1947 година со посебен закон на македонското собрание на НР Македонија е основан Универзитетот во Скопје, како највисока научна и образовна институција во Македонија. Во 1967 година, универзитетот бил преименуван во Универзитет „Кирил и Методиј“, а во 1992 година го добива денешниот назив „Свети Кирил и Методиј“.