Приемот на претставниците на македонското малцинство од Бугарија од страна на македонскиот претседател Стево Пендаровски предизвика отворени недоразбирања помеѓу бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот премиер Кирил Петков. Изјавите на бугарскиот претседател и на премиерот укажуваат дека тие имаат различен поглед и пристап за некои прашања во однос на Македонија. Според пишувањата на бугарските медиуми, ова е прва сериозна полемика помеѓу Кирил Петков и Румен Радев.
Радев отворено го критикуваше својот колега Кирил Петков поради неговата јануарска посета на Македонија. Според Радев, посетата била избрзана со оглед на постапките на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој прими претставници на неколку организации на македонското малцинство. Официјална Софија ги оценува постапките на Пендаровски како провокација, во услови кога се прават обиди за доближување помеѓу двете влади. Во овој контекст, Румен Радев истакна дека „секој позитивен сигнал може да се толкува како некакви отстапки од Бугарија“.
– Бугарската дипломатија треба целосно да го искористи својот професионален капацитет, да не верува во надворешната експертиза, на невладините организации и да не подлегнува на надворешниот притисок – вели Румен Радев.
На оваа отворана критика, со свое видување излезе и бугарскиот премиер Кирил Петков, истакнувајќи дека неговата посета на Скопје не само што не била избрзана туку и ужасно задоцнета. Според Петков, добро е што надворешната политика на Македонија и на Бугарија зависи од премиерите на двете држави.
– Вистината е дека изгубивме триесет години во овие односи. Не само што не се брзаше со мојата посета туку беше и ужасно задоцнета. Жал ми е што пропуштивме толку многу години и немаше да поднесеме да доцниме уште неколку дена. Има многу сили на Балканот што не сакаат Северна Македонија да биде дел од Европската Унија. Нестабилен Балкан во оваа геополитичка ситуација има предност за земјите што не ни мислат добро – изјави Кирил Петков.
За недоразбирањата помеѓу Кирил Петков и Румен Радев, со свое видување пред бугарските новинари излезе и Тома Биков од ГЕРБ – партијата на Бојко Борисов. Според него, очигледно е дека има конфликт помеѓу претседателот и премиерот. Но според Биков, Македонија е само повод, а причината за конфликтот лежи во направените промени во раководството на „Булгаргаз“, како и во другите промени направени од бугарската влада, пренесе БГНЕС.