Фото: Приватна архива

Не постојат добри и лоши деца, сите се различни и искрени. Да се отфрли дете со попреченост од страна на деца е прифатливо бидејќи кога децата се мали, тие додека да запознаат нешто ново и различно вообичаено го одбиваат. Им треба време и поддршка од возрасните. Она што е значајно е каква поддршка ќе добијат овие деца за да го прифатат детето со попреченост од страна на своите родители?

Случајот со 10-годишната Ембла Адеми од Гостивар, која не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи зашто родителите не ги пуштија децата на училиште и со петиција барале девојчето до Даунов синдром да не учи во исто одделение со другите деца, е слика на нашето општество каде секој секого етикетира и отфрла доколку е малку различен, вели доц. д-р Јасмина Трошанска. Професорката на педагошки факултет, на отсек за специјална едукација и рехабилитација вели дека е потребно да влијаеме врз децата и кај нив да развиваме позитивни особини, емпатија, чувство за заедничка припадност и придонес во општеството. Секој може да даде свој придонес.

На децата им треба поддршка од возрасните

– Не постојат добри и лоши деца, сите се различни и искрени. Да се отфрли дете со попреченост од страна на деца е прифатливо, бидејќи кога децата се мали, тие додека да запознаат нешто ново и различно вообичаено го одбиваат. Им треба време и поддршка од страна на возрасните. Она што е значајно е каква поддршка ќе добијат овие деца за да го прифатат детето со попреченост од страна на своите родители? Тука ќе истакнам една поука на Марија Монтесори која сите ние треба добро да ја запомниме: „Патот по кој се јакнат слабите е пат по кој се усовршуваат јаките“. Ако сакате вашите деца да бидат совршени, тогаш на нив им требаат и послабите, преку помагање тие развиваат особини кои вие како родители не можете да им ги развиете – вели Трошанска.

Фото: Пиксабеј

Законот за основно образование преку членот 5 нуди заштита од дискриминација и промовира еднаквост. Свеста за децата со атипичен развој треба да се развива не само кај децата, туку и кај родителите.

Механизми за заштита на сите деца

Трошанска смета дека влеговме во процес на инклузија без да ги предвидиме механизмите за заштита и превенција на вакви ситуации, при што ја ставаме емотивната состојба на децата со посеби образовни потреби во ризична состојба. Децата со попреченост добро знаат дали некој ги сака или не, чувствуваат кога се отфрлени и често можат да бидат агресивни, бидејќи не можат да кажат и да се пожалат за своите повредени емоции.

– Системот треба да направи механизми за заштита на сите деца, кои припаѓаат на државата, пред сè. Исто така, пред да се вклучат во училиште децата со попреченост, потребно е да постои подготвителен период каде тие ќе се подготват за следење на настава од страна на стручни лица, подготовка на другите деца и на наставникот. Ран третман и развој на вештини за групна работа кај нас не постои. Децата со посебни образовни потреби најчесто од страна на родителите се носени на индивидуални третмани каде се работи еден на еден и тие немаат можност да стекнат вештини за групна работа. Состојбата е многу покомплицирана од што изгледа, а ова е само еден пример од она што се случува во нашата држава, за жал – додава Трошанска.

Денес министерот за образование информираше дека Ембла е вклучена во образовниот процес и апелираше да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме.

– Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал – напиша Шаќири.