Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
– На овој ден се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893-та година ја формираа Македонската револуционерна организација. Инспирирани од оваа идеја, генерации родољуби се вклучија во долгата борба за слободна македонска република, втемелена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера. Таа храбра визија што ги поврза Илинден 1903 и АСНОМ 1944, конечно се реализираше на 8 септември 1991 година во независната македонска држава – вели Пендаровски.
Нашата генерација, вели тој, минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност. Европа и светот се соочуваат со економска и енергетска криза што беа иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени поради војната во Украина.
-За успешно да се справуваме со овие предизвици треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме Република Северна Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции. Како земја во која ќе владее правото а неправдата е санкционирана, во која младите генерации ќе можат достоинствено да живеат со еднакви можности за напредок – додава Пендаровски во честитката.