Фото: МНР на Бугарија

Силна загриженост од измените и дополнувањата на законот за здруженија и фондации и законот за политички партии, изгласани завчера од македонскиот парламент, преку соопштение изрази Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Во Софија сметаат дека со конкретните законски измени се ограничува правото на здружување на Бугарите во Македонија, како и дека на тој начин се попречува спроведувањето на Договорот за добрососедство.

– Постои сериозна загриженост дека законските измени се насочени кон дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за кое повод е едностраната интерпретација на историските факти. Легитимниот стремеж за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да биде инструментализиран за намерно ограничување на правата на конкретни заедници – се наведува во ставот на бугарското МНР.

Бугарското МНР смета дека слични ограничувања и претходно им биле наметнати на Бугарите во Македонија, при што потсетува на забраната на организацијата „Радко“ во 2001 година.

Се додава оти од македонските власти се очекува да гарантираат еднакви права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучително и на оние кои се самоопределуваат како Бугари.