Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првично замислениот договор за меѓусебна размена на телевизиски програми помеѓу Македонија и Бугарија се претвори во еднонасочна улица, во која само Бугарија емитува ТВ-програма кај нас, но со крајно сомнителна содржина и отворени и дрски намери за побугарување на сѐ што е македонско. Дополнително загрижува што надлежните регулаторни тела во земјава немаат никакви ингеренции да интервенираат, ниту, пак, механизми да го спречат ширењето на бугарската пропаганда преку БНТ4. Во меѓувреме, МРТВ не емитува програма во соседната земја, иако тоа беше договорено и требаше да се реализира истовремено

Експерти предупредуваат на извртување на фактите и пласирање лаги на бугарскиот канал БНТ4

Ширење класична бугарска пропаганда, со дрски и отворени намери за побугарување на сѐ што е македонско, од ликот и делото на истакнати македонски дејци, преку македонското народно, историско и културно творештво, обиди за преиначување на македонската историја, па до препевање на македонските песни и прекрстување на македонските градови и нивно претставување како бугарски.
Ова се таканаречените „придобивки“ од речиси едногодишното емитување на бугарската национална телевизија БНТ4 во македонскиот етер.
Иако овој чекор првично беше наменет двете земји да разменуваат телевизиски содржини што ќе ги зближуваат двата народа, уште во стартот се покажа дека Бугарија има намера моќното медиумско оружје да го користи за свои политички цели, за извртување на историјата и за пропагирање бугарштина, а тоа го направи уште првиот ден кога бугарската национална телевизија почна да зрачи во македонскиот етер, емитувајќи содржина во која македонските револуционери Дамјан Груев, Гоце Делчев, Питу Гули и други беа прикажани како бугарски.
Со идентичен концепт се продолжи и понатаму, па нема ден на програмата да не се емитуваат македонски изворни песни што се препеани од бугарски пејачи и кои се претставуваат како бугарски, во етерот постојано одат документарни филмови во кои македонските градови се претставуваат како бугарски, а во сите историски емисии им се припишува бугарски идентитет на истакнати македонски дејци.
Дури и најобичен лаик едноставно може да заклучи дека за едногодишното емитување на БНТ4 во македонскиот етер, граѓаните добија класична бугарска пропаганда од најдолен вид и ширење историски невистини, кои може да бидат особено опасни за младата популација во земјава. Со постојано ширење невистини и ваква пропаганда од најдолен вид од страна на Бугарија, очигледно се сака да се индоктринираат младите кај нас и да се наметне погрешна перцепција за одредени случувања во минатото.

Дополнително загрижува што надлежните регулаторни тела во земјава немаат никакви ингеренции да интервенираат при ширење странска пропаганда и невистини во етерот, со што изборот се сведува на самосвеста на гледачот да го промени или избрише каналот.
И додека Бугарија го преплавува македонскиот медиумски простор со секакви содржини, МРТВ не емитува програма во соседната земја, иако тоа беше договорено и требаше да се реализира истовремено.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) велат дека тие немаат никакви механизми да го спречат ширењето на бугарската пропаганда преку БНТ4.
– Во согласност со законот, за содржините за странските канали се надлежни регулаторните тела во државите од каде што се произведува програмата, во овој случај регулаторното тело во Бугарија. Ние на странските канали што се емитуваат во Македонија не им правиме никаков мониторинг, освен за каналите за кои ние сме издале дозвола. Конкретно околу содржините на БНТ буквално ништо не можеме да направиме – вели Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.
Според него, ваква пропаганда како бугарската може да се најде и на други странски канали, особено на српските, каде што може да се сретнат содржини со кои се негираат црквата, јазикот и слично.
– Тоа си е уредувачка политика на тие медиуми и единствено нешто што може да се направи, во согласност со резолуцијата што ја има усвоено македонскиот парламент уште многу одамна за прекугранична телевизија, тие содржини да можат да се исклучат само кога се повикува на војна, нарушување на уставниот поредок итн., само во таков случај државата може да исклучи странски канал – прецизира Трајчевски.
Запрашан за неемитувањето на МРТВ во Бугарија, директорот на АВМУ посочи дека тоа е во надлежност на МРТВ и Владата и дека во овој момент тоа е технички неизводливо, бидејќи од 2015 година сателитскиот канал не е во функција.
– До 2015 година сателитскиот канал на МРТВ се емитуваше преку сателит во Бугарија, но и секаде во светот, и тој канал беше добар за информирање на нашите граѓани таму, но и во Австралија, Канада, Америка. По 2015 година престана државното финансирање на овој канал и ситуацијата сега е таква каква што е – појаснува Трајчевски.

За Зоран Иванов, новинар и познавач на медиумската сфера, за оваа неполна година емитување на бугарска телевизија во Македонија не се добило ништо.
– Не се доби ништо од емитувањето на БНТ тука. Кој сака да ја гледа, нека ја гледа. За мене клучно прашање е зошто нема реципроцитет, односно зошто МТВ не се гледа во Бугарија и тврдам дека додека Бугарите не признаат дека македонскиот јазик бил посебен отсекогаш, тие никогаш нема да пуштат македонски збор во нивниот етер. Цело општество таму е живкоистичко и треба време да се демократизира. Затоа и не сакаат да пуштаат македонски содржини. Нашите треба да притискаат да се емитува македонска програма во Бугарија, но ако нема реципроцитет, може и тука да се „расипе“ сигналот на БНТ – вели Иванов.