Фото: МИА

Првпат во историјата на нашата евроинтеграција приближувањето кон ЕУ е само во наши раце и од нас зависи дали до крајот на идната година ќе ја исполниме нашата обврска со процесот на уставни измени или ќе го блокираме нашиот интегративен процес, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

– Првпат е во наши раце дали ќе застанеме или ќе продолжиме. Мислам дека имаме доволно аргументи, имаме добра атмосфера, доволно простор, во наредниот период да седнеме на маса и да разговараме со сите партии, со сите пратеници, кои би можеле да поддржат уставни промени, кои во својата содржина се многу помалку спорни, од оние, да речеме, со Преспанскиот договор. Тогаш имавме суштински измени коишто беа навистина тешки за објаснување и за прифаќање и за имплементација. Сега имаме, по мене, еден симболичен гест на вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во една редица на заедници кои веќе ги имаме повеќе од 20 години, изјави вицепремиерот Маричиќ во денешното гостување во „Студио 10“.

Маричиќ нагласи оти верува дека може да се најде решение, особено затоа што веќе сме виделе дека Европската Унија го исполнува својот дел од обврските, додавајќи дека со внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, заклучоците на Советот на ЕУ велат дека автоматски, без нова одлука и без одлагање, се свикува наредната Меѓувладина седница, односно одиме еден чекор понапред.

– Ги почнавме преговорите, го потпишавме Фронтекс, добивме финансиска помош за енергетската криза и ќе следува и друг пакет на инвестиции и помош во наредниот период. Затоа навистина мислам дека треба таа подадена рака да се прифати, и тоа заради нас, не заради никој друг – рече Маричиќ.

На прашањето дали може да се очекува нова блокада во нашите евроинтеграции, Маричиќ објасни дека секоја држава членка во која било фаза може да стави вето, но не може да стави вето за што било и дека со Бугарија имаме јасно исцртани план и договор којшто го гарантира францускиот претседател, цела Европска Унија, и којшто има јасно исцртани обврски за сите страни.

– Понатаму Бугарија секако дека може да отвори одредени прашања, но веќе нема право да прави ништо вон она што е напишано, она што е договорено. И за тоа нема да има поддршка од ЕУ – рече Маричиќ, потенцирајќи дека има прашања за коишто сигурно ќе ни треба многу напор и време, но дека многу важно беше евроинтегративниот процес да се стави на една движечка лента, да не стоиме во место, ниту да бидеме заробени во чекалната како што бевме 17 години.

Маричиќ, кој воедно е о главен преговарач со Унијата, за скрининг процесот рече дека се одвива со добра динамика и дека во оваа фаза нема никаква разлика во скрининг процесот помеѓу нас и Албанија, напротив дека ги одржуваат заеднички објаснувачките состаноци и го најави почетокот на билатералниот скрининг, на 11 ноември за Кластер 1-Фундаментални вредности, кој ќе го водиме одделно.

Вицепремиерот додаде е дека подготовките за билатералниот скрининг се во тек и објасни дека на тие состаноци македонските тимови ќе се соочат со Европска комисија, која ќе поставува прашања, а ние ќе презентираме до каде сме и како ги имплементираме европските стандарди, од кои на крајот треба да излезе извештај, кој ќе покаже што треба да направиме за целосно усогласување со ЕУ законодавството и стандардите.