Молкот и негирањето ја држат секоја генерација заглавена во незнаење и поттикнуваат колективно заборавање. Сè додека луѓето не можат отворено да разговараат за мрачното минато, никогаш нема да имаат почит, емпатија и вреднување на другиот, вели д-р Марта Р. Биреда
Горчливи историски факти како поводи за потсетувања: 82 години од донесувањето на бугарскиот закон за заштита на нацијата
Светските и домашните универзитетски професори, историчари и политиколози се согласни дека познавањето на сопственото минато ја отвора вратата кон иднината. Како позитивен пример го посочуваат германското општество, кое со решителни дејства се соочи со сопственото мрачно минато, а најзначајниот исчекор беше направен кога холокаустот и нацизмот станаа задолжителен предмет во германските училишта. Денес кога Бугарија како држава и нација одбива да се соочи со сопственото фашистичко и расистичко минато, познавачите токму германскиот пример ѝ го посочуваат на официјална Софија, од кој бугарското општество може многу да научи. Македонските универзитетски професори и историчари нагласуваат дека Бугарија како држава сојузник на Третиот рајх во Втората светска војна треба да ги следи германските постапки и да воведе задолжително изучување на бугарското учество во холокаустот. Според нив, само на овој начин бугарското општество ќе се ослободи од национализмот, шовинизмот и ревизионизмот, кои се спротивни од европските вредности.
Холокаустот и нацизмот се задолжителни предмети во германските училишта
Многумина светски универзитетски професори и историчари нагласуваат дека секоја држава и нација треба да се соочи со сопственото минато и како пример го посочуваат германското општество. Германија се извини и им исплати 89 милијарди долари репарација на еврејските организации низ светот. Но најзначајниот исчекор беше направен кога холокаустот и нацизмот станаа задолжителен предмет во германските училишта. Германското општество на овој начин сакаше денешните генерации да се помират со минатото, затоа што само преку вистинската и точна историја на германската нација може да се дојде до промена и изградување реален колективен став за холокаустот или за концентрационите логори.
Во оваа конотација, д-р Марта Р. Биреда вели дека молкот и негирањето ја држат секоја генерација заглавена во незнаење и поттикнуваат колективно заборавање. Сè додека луѓето не можат отворено да разговараат за мрачното минато, никогаш нема да имаат почит, емпатија и вреднување на другиот, нагласува д-р Биреда, експертка за расни, класни и родови прашања.
Според неа, отвореното зборување за расата е страшна и табу-тема во американската заедница. Генерација по генерација американските деца беа погрешно едуцирани за историјата на нашата нација. Како може да се излечи расизмот во нација што одбива да се соочи со своето непријатно и темно минато. Германците дадоа модел, макар и несовршен за да почнат да ги решаваат дамките во историјата на нашата нација, вели д-р Марта Р. Биреда.
Историските факти потврдуваат дека Бугарија била фашистичка држава
Бугарското општество одбива да се соочи со сопственото фашистичко и расистичко минато, но историските факти го потврдуваат токму спротивното. Постојат многубројни документи и историски извори што потврдуваат дека Бугарија во минатото се одликувала со екстремен национализам и расизам. Меѓу нив може да се вброи и Закон за заштита на нацијата, кој бил донесен на 24 декември 1940 година од страна на бугарското собрание, закон одобрен и потпишан од бугарскиот цар Борис Трети.
Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја истакнува дека токму споменатиот закон децидно и категорично ја сместува Бугарија во земјите со фашистички режим. За ваквата карактеризација постојат и други факти, секако. Како што е, на пример, воено-политичкото сојузништвото сo фашистичка Италија и нацистичка Германија за време на Втората светска војна, вели Литовски.
– Законот за заштита на нацијата наметнуваше остри репресивни мерки за сите политички противници на профашистичката власт на царот Борис Трети и нему лојалните граѓански политички сили. Пред сѐ на комунистите, кои масовно беа следени, апсени, затворани и убивани. Со тој закон се наметнале низа репресивни мерки за Евреите: им беше одземено правото на глас, беа предмет на полициски час, исклучени беа од работни места во јавниот сектор, беа намалени нивните имоти и економските активности, а нивниот пристап до универзитетско образование беше ограничен – нагласува Александар Литовски.
Според него, по германско-италијанскиот напади врз Грција и Југославија и по окупацијата од бугарската армија на големи делови на вардарскиот и егејскиот дел на Македонија, поради Законот за заштита на нацијата, кој забранувал да им се додели државјанство на лица од еврејско потекло, бугарскиот парламент додели бугарско државјанство за сето население од „новоослободените“ региони, со исклучок на Евреите.
– Профашистичката бугарска влада предводена од Богдан Филов потпишала официјален договор за депортирање на Евреите во логорите на смртта во окупирана Полска, врз основа на што 11.343 Евреи од Македонија, Грција и од Србија. Во март 1943 година беа пренесени во логорите на смртта и од кои само неколкумина преживеаја – вели проф. д-р Александар Литовски. Д.Ст.