Со отворањето на музејот „Аигаи“ во Грција, на локалитетот Кутлеш (Вергина), центарот на античката македонска култура, Грција повторно го актуализира прашањето за изедначувањето (односно, од друга страна, дистинкцијата) меѓу старите цивилизации на Хелените (Грците) и на Македонците

За правото на идентификација на современите нации со наследството на старите цивилизации: Отворањето на музејот „Аигаи“ во Грција како повод

Неодамна во Грција беше отворен нов музеј „Аигаи“ во градот Вергина, во кој е вклучен целиот археолошки локалитет од центарот на античката македонска култура. Новиот музеј ги обединува Палатата на Филип, кралските гробници и Музејот на кралските гробници. Музејот беше отворен од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој истакна дека тој претставува „важен придонес за развојот на глобалното културно наследство“ што ги надминува границите на Грција.
Покрај воведната изложба „Прозорец во светот на Александар Македонски“, новиот музеј е домаќин и на пет дополнителни изложби фокусирани на архитектурата на реконструираниот дел од палатата, изложба на скулптури и централната изложба – „Сеќавања на Аигаи“. Непроценливи антички грчки артефакти се изложени во новиот музеј, а меѓу најважните остатоци се монументалната палата и гробиштата со повеќе од 300 тумули, од кои некои датираат од 11 век пр. н.е. Овој бесценет археолошки локалитет и богатствата откриени таму беа вклучени на листата на светско наследство на УНЕСКО во 1996 година.
Кралските гробници од Големиот Тумул во Вергина (Мегале Тумба) се откриени во 1977 година, од грчкиот археолог Манолис Андроникос. Највпечатлив од нив е гробот на Филип Втори (359-336 пр. н.е.). Неговото откривање се смета за еден од најважните археолошки настани на векот.

Меѓу богатствата најдени во гробницата беа првите целосни слики од хеленистичкиот период, извонредни сребрени и златни орнаменти и оружје, како и мермерен саркофаг со златен ковчег со коски, за кои се верува дека се на Филип.
Палатата на Аигаи, денес позната како Вергина, се смета не само за најголема туку, заедно со Партенон, за најзначајната античка градба во Грција. Изградена за време на владеењето на Филип Втори (359 – 336 пр. н.е.) палатата е извонредна знаменитост и симбол на моќ и убавина, при што била трипати поголема од Партенон.
Темата за правото на користење на симболите пронајдени во археолошките наоѓалишта на Кутлеш (Вергина) беше круцијална точка во долгогодишниот билатерален политички спор меѓу Грција и Македонија. Прашањето за „наследното право на припаѓање“ на старата македонска цивилизација, па дури и именување на една држава, Грција, на крајот од 20 век, го наметна како проблем за меѓународното признавање и интеграција во меѓународните институции на современата држава – Македонија. Со Преспанскиот договор, за кој меѓународната заедница сака да смета дека е надминато тоа прашање, на сосема асиметричен и исклучив начин, на политички начин е решена „дефиницијата“ за правото на идентификација на современите нации со наследството на старите цивилизации. Со тој договор, Македонија практично политички се откажува од нешто што претставува цивилизациско наследство и на што имаат право да се повикуваат сите други субјекти во современата меѓународна заедница. Според научниците од историско-археолошката дисциплина, со Преспанскиот договор е направен политички упад во историската наука, а притоа останува отворено и прашањето за дистинкцијата меѓу античките народи и култури на Грците (Хелените) и на Македонците.

– Тоа што се отвораат музеи посветени на цивилизацијата на античките Македонци е во согласност со научната и цивилизациска должност на современата археолошка и историска наука да ги истражуваат, проучуваат и да ги промовираат сознанијата за старите цивилизации и култури. Тоа што ние, како современа македонска држава, политички се откажавме од интересот за наследството на античките Македонци, сепак не дава научен легитимитет дека тоа ѝ припаѓа исклучиво на современата грчка држава. Според научните стандарди, археолошките артефакти што се претставени во новиот музеј во Вергина, не е најзначајното наследство на античка Грција, туку на античка Македонија. Дали античките Македонци биле антички Грци, односно Хелени, сѐ уште е отворена тема за научна дебата. Но многубројни се доказите дека античките Грци не ги признавале античките Македонци како Хелени. Современите Грци, кои се сметаат за наследници на Хелените, се нарекуваат Елини. Па според тоа што Хелените не ги признавале античките Македонци како дел од нивната култура, не може да се зборува за некаква поврзаност на античките Македонци со современите Грци. Исто така, тоа што денес археолошки наоѓалишта од цивилизацијата на античките Македонци се наоѓаат на територијата на Грција не ги прави Грци. Всушност, името на Македонците е Македонци, а дали се стари или сегашни, тоа е временска квалификација – вели универзитетската професорка Наде Проева, научно докажана познавачка на античката историја. J.П.