Бугарија минатата година беше изложена на сериозен притисок во врска со стартот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, но го издржавме тој притисок, како што посочи денеска бугарскиот претседател Румен Радев.
– Мислам дека и јас и преодната Влада ги образложивме причините и ги објаснивме позициите на Бугарија и тие беа прифатени. Станува збор за почитување на човековите права и говорот на омраза, што е некомпатибилно со европските принципи – истакна Радев по полагањето на венец на Споменикот на непознатиот војник во Софија, по повод Денот на победата на фашизмот.
Според него, на притисокот може да се одолее доколку „се има јасни позиции кои го имаат предвид бугарскиот интерес“.
– Сепак, останува да се види дали Владата ќе го издржи притисокот – додаде Радев.
Запрашан за коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу Македонија и Бугарија и дека е веќе доста, бидејќи земјава направи се што можеше и не можеше да се направи, Радев само кусо одговори дека е „крајно непримерно да и се поставуваат ултиматуми на Бугарија“.