Фото: „Нова Македонија“

Австрискиот економист и политички активист Гинтер Фелингер предлага нова фаза на геополитичко прекројување во регионот, почнувајќи од БиХ

  • Австрискиот економист и политички активист Гинтер Фелингер, претседател на невладината организација „Австриски комитет за проширување на НАТО“ (Austrian Committee for NATO Enlargement), предлага воведување десет „федерални држави“ во Босна и Херцеговина, на местото на сегашните Република Српска и Федерација БиХ. Според овој предлог, клучните надлежности би биле концентрирани во Сараево. Со оглед на тоа што и досега доаѓаа слични иницијативи за политичко и територијално прекројување на Балканот од истиот центар, се наметнува прашањето за причините зад ваквото упорно инсистирање, кое потенцијално може да предизвика таканаречен домино-ефект, како и прашањето за коренот на тие мотиви. Засега, една ваква нова политичка карта на Босна и Херцеговина повторно се појавува во јавниот простор на Балканот…

Австрискиот економист и политички активист Гинтер Фелингер, претседател на невладината организација „Австриски комитет за проширување на НАТО“ („Austrian Committee for NATO Enlargement“), на 5 септември објави предлог за целосно нова уставна архитектура на Босна и Херцеговина. Според неговата замисла, сегашните два ентитета – Република Српска и Федерацијата БиХ – би биле укинати, а државата би била организирана како федерација составена од десет нови федерални единици. Фелингер го претставува својот концепт како начин за надминување на она што го нарекува „дејтонска парализа“ и како пат кон побрза евроатлантска интеграција на БиХ. Според медиумски извори од Бања Лука со кои деновиве разговаравме во Скопје, се поставува прашањето дали станува збор за обид да се реформира нефункционалниот систем во БиХ или за концепт со кој суштински би се променил политичкиот и територијалниот баланс воспоставен со Дејтонскиот мировен договор?

Во што се состои предлогот?

Според објавениот предлог, новата БиХ би била составена од:

  •  Уна-Сана – со центар во Бихаќ;
  • Краина – со центар во Бања Лука;
  • Посавина – со центар во Брчко,
    со вклучување на дистриктот Брчко;
  • Дрина – со центар во Вишеград;
  • Соли – со центар во Тузла;
  • Централна Босна
    – со центар во Зеница;
  • Врхбосна – со центар во Сараево;
  • Тропоље – со центар во Ливно;
  • Западна Херцеговина
    – со центар во Мостар;
  • Источна Херцеговина – со центар во Требиње.

На прв поглед, концептот се претставува како административна федерализација. Но политичката последица би била многу поголема.
– Карактеристично е тоа што територијата на Република Српска, како постојна уставна единица, би престанала да постои и би била распределена во повеќе нови региони. Токму тоа го прави предлогот исклучително чувствителен во Сараево, Бања Лука, Белград, Загреб, но и во сите престолнини што ја следат безбедносната динамика на Западен Балкан – велат нашите соговорници, опишувајќи го новиот предлог за реконфигурација на БиХ.

Силна федерална власт во Сараево

Соговорниците од Босна велат дека особено е важен вториот дел од предлогот.
– Фелингер предвидува силна федерална власт со седиште во Сараево, која би ги имала клучните надлежности над надворешната политика, одбраната, НАТО и европските интеграции, државјанството, границите, царината, федералното судство и стратешката инфраструктура. Десетте нови единици би задржале надлежности во образованието, здравството, регионалниот развој, културата и во локалната самоуправа. Оттука произлегува една од најважните дилеми. Имено, колку би останало од политичката автономија на досегашните ентитети ако најважните државни функции се концентрираат на централно ниво? И тоа не е само административно прашање. Во БиХ секоја промена на внатрешната структура е поврзана со прашањето за балансот меѓу трите конститутивни народи, механизмите на политичко претставување и чувствителниот однос меѓу централната власт и ентитетите – велат нашите соговорници од Бања Лука.

Може ли Дејтон да се промени со еден предлог до Брисел доставен од НВО?

Дејтонскиот мировен договор, преку анекс IV – Уставот на БиХ – експлицитно ја дефинира Босна и Херцеговина како суверена држава составена од два ентитета: Федерацијата БиХ и Република Српска. Официјалниот текст го потврдува тоа. Канцеларијата на високиот претставник во БиХ дополнително нагласува дека ентитетите се уставно воспоставени и дека постојната структура е дел од дејтонската уставна архитектура.
– Предлогот на Фелингер не претставува промена на Уставот на БиХ, ниту официјално усвоена меѓународна одлука. Тој е политички предлог на поединец и организација што тој ја предводи. Тоа е клучна разлика. Фактот што документот е упатен кон меѓународни институции не значи дека ЕУ или НАТО го прифатиле, го поддржале или започнале процедура за негова имплементација – велат наши соговорници, дипломати од Македонија, со големо искуство во меѓународните односи.
Тие исто така изнесуваат и свои ставови за тоа што всушност значат таквите изјави.
– „Австрискиот комитет за проширување на НАТО“ (Austrian Committee for NATO Enlargement“) на својата официјална интернет-страница се претставува како здружение што се залага за проширување на НАТО и ЕУ, а Фелингер е наведен како негов претседател. Тоа не значи дека Фелингер е – функционер на НАТО. Напротив, неговата сопствена организација објавува ставови за проширување на Алијансата, вклучително и за Украина, Косово и БиХ. Затоа секое новинарско известување што неговиот предлог би го претставило како „план на НАТО“ би било фактографски неточно. Но тоа не значи дека предлогот е ирелевантен. Напротив. Неговото значење лежи во тоа што покажува какви идеи циркулираат во дел од проатлантските политички и лобистички кругови околу иднината на Западен Балкан – образложуваат нашите соговорници, дипломати од Македонија, добро упатени во оваа проблематика.

Балканот има долгогодишно искуство со карти што прво
се појавуваат како политички предлози

Балканот има долгогодишно искуство со карти што прво се појавуваат како политички визии, анализи, неформални предлози или мапи на активисти, а потоа стануваат дел од многу пошироки политички дебати. Токму затоа секоја нова иницијатива што се занимава со внатрешното територијално уредување на БиХ заслужува сериозна анализа. Во случајот со Фелингер, неговиот концепт не предвидува распад на БиХ. Напротив, тој предлага една држава со десет федерални единици и без можност за нејзина поделба или сецесија. Тој го оправдува својот модел со идејата за функционална, мултиетничка и европска федерација. Но од друга страна, укинувањето на постојната ентитетска структура би било длабока промена на политичкиот договор што ја запре војната во БиХ. Токму затоа ваквите идеи не можат да се разгледуваат само како техничко административно прекројување. Историјата на распадот на Југославија покажува дека границите, териториите и прашањето „кому му припаѓа која земја“ се меѓу најопасните политички теми во регионот. Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија не се изолирани геополитички простори. Тие се поврзани со етнички заедници, семејни и економски врски, инфраструктура, миграции, безбедносни структури и историски спорови. Затоа секоја идеја за промена на политичката географија на една земја неизбежно се набљудува и во соседните земји. Токму поради тоа НАТО во последните години постојано ја нагласува регионалната стабилност. Во март 2025 година, генералниот секретар Марк Руте во Сараево порача дека Дејтонскиот мировен договор е темел на мирот во БиХ и дека поткопувањето на Дејтон, уставниот поредок или на националните институции е опасно за стабилноста и безбедноста. Во април 2026 година, НАТО и ЕУ повторно ја истакнаа заедничката определба за стабилноста на Западен Балкан, со присуство на КФОР во Косово и ЕУФОР Алтеа во БиХ. НАТО тогаш повторно ја нагласи својата определба за територијалниот интегритет и стабилноста на БиХ. Р.Б.


„Домино-ефектот“ е можен ризик, но не е „готово сценарио“

Во регионот каде што во минатото конфликтите биле меѓусебно поврзани, секоја промена на статусот на една територија може да стане аргумент за други политички актери. Ако во една земја се отвори прашањето за редефинирање на внатрешните граници, друг актер како по автоматизам бара сличен модел!?
– Ако една етничка заедница добие нов територијален аранжман, друга, како по принципот на сврзани садови, го бара истото тоа. Ако една постојна граница биде прогласена за „нефункционална“, неизбежно се отвора прашањето: Која е следната? Токму затоа Западен Балкан и натаму е безбедносен простор во кој НАТО и ЕУ вложуваат значителни ресурси. Алијансата во 2026 година повторно ја опиша стабилноста на регионот како стратешки важна за евроатлантската безбедност – велат професори на Факултетот за безбедност од Скопје.

Од Косово до БиХ – истиот проблем со различни имиња

Во последните децении, Балканот помина низ неколку фази на редефинирање на политичките односи.
– Ајде мало потсетување… Дисолуцијата на Југославија, војната во БиХ, конфликтот во Косово, конфликтот во Македонија во 2001 година, независноста на Црна Гора и независноста на Косово… Имено, секој од овие процеси создаде нови политички реалности. Но истовремено создаде и нови преседани, нови стравови и нови политички барања. Затоа секоја идеја за ново прекројување мора да се разгледува со исклучителна претпазливост. Не затоа што секоја мапа значи војна. Туку затоа што на Балканот мапите никогаш не се само мапи. Тие често се претвораат во политички програми – велат нашите соговорници.

Брисел има друга официјална позиција

Интересно е што официјалните институции на ЕУ во 2026 година јавно зборуваат за стабилност, територијален интегритет, владеење на правото и за институционални реформи во БиХ, а не за прифаќање на гореспоменатиот Фелингеров предлог, односно иницијатива, поднесена токму пред бриселските институции. Во јули 2026 година, високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, во Сараево ја нагласи стратешката важност на стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ и потврди дека ЕУ останува посветена на европскиот пат на земјата.
ЕУ и Советот на Европа, пак, во јуни 2026 година започнаа проект за зајакнување на Уставниот суд на БиХ и владеењето на правото. Тоа е важен контраст со впечатокот што може да се создаде ако Фелингеровиот предлог се претстави како веќе усвоена политика на Брисел. Се разбира, дека тоа не е така и треба за читателите да го нагласиме тоа! Но неговото појавување е политички симптом што вреди внимателно да се следи, велат нашите соговорници, универзитетски професори од областа на безбедноста.

Прашањето што останува отворено

На крајот, нашите соговорници, професори, го резимираат брифингот со заклучок што обрнува достојно внимание на ваквите упорни иницијативи од различни политичко-безбедносни центри.
– Суштинското прашање не е дали еден австриски активист може да нацрта нова карта на БиХ. Секако дека може. Прашањето е дали ваквите карти ќе останат индивидуални политички визии или постепено ќе почнат да се појавуваат како сериозни предлози во меѓународните центри на одлучување. Одговорот на тоа прашање во моментов е дека засега, навистина е далеку од тоа, ајде да го наречеме сега „Фелингеровиот план“, дека тој станал „официјална политика на ЕУ или НАТО“. Не станал тоа! Но исто така е факт дека тој предлог е јавно објавен, дека се поврзува со евроатлантската интеграција на БиХ и дека предвидува радикална промена на сегашната дејтонска внатрешна архитектура. А токму затоа регионот треба да го следи со отворени очи. Зашто најголемата опасност за Балканот не е само една нова карта. Опасноста е идејата дека секој политички проблем може да се реши со цртање нови граници. А историјата на овој простор веќе покажа колку висока може да биде цената кога политичките карти ќе почнат да се претвораат во етнички проекти. И затоа секоја нова карта на Балканот треба да биде гледана не само низ призмата на тоа што пишува во легендата туку и низ прашањето: Кој ја црта, зошто ја црта – и што би можело да се случи ако некој друг утре побара да се нацрта нова карта и за неговата земја? – поентираат на крајот на брифингот нашите соговорници. Р.Б.