Фото: МИА

Делегација на Владата на Македонија предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска, од министерот за локална самоуправа Горан Милевски и од заменик-министерот за правда Агим Нухиу, положија цвеќе на спомен обележјето на партизанските гробишта во Бутел, во чест на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

– Положувањето венци свежо цвеќе на спомен обележјето на партизанските гробишта во Бутел во Скопје е дел од програмските активностите за чествување на празникот 9 Мај 1945 година, кој како Ден на победата над фашизмот е запишан со светли букви во историјата на Северна Македонија како ден, кога заедно со прогресивните сојузнички европски сили и Соединетите Американски Држави беше прогласен официјално крајот на Втората светска војна, и ден кој беше прогласен и прифатен како Ден на победата над фашизмот, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.

Венци со цвеќе на спомен обележјето на партизанските гробишта во Бутел во Скопје положиле и делегации на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна, Делегација на претседателот на Македонија, Делегација на Собранието, на Армијата на Македонија, на дипломатскиот кор, како и на политички партии и други општествени и граѓански организации.


Пендаровски: Само со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа

Денес гледаме дека победата на слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста е загрозена во моментот кога поверувавме дека е целосно извојувана. Токму денес, во екот на новите крвопролевања, треба повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, а 9 мај е еден од оние датуми – темелници на вистинските цивилизациски вредности, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски во пораката по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Додава дека Денот на победата над фашизмот е оддавање почит на милионите животи згаснати во борбата против окупаторот, ден кога, како што напиша во пораката – „со гордост се потсетуваме дека сме биле, сме и ќе останеме на вистинската страна на историјата“.

– Денот на Европа, кој ја слави идејата за траен мир и заедништво на континентот, е уште еден потсетник за клучната вредност на патот кон европското обединување на различностите. Само достоинствено, со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа. Победата над фашизмот е и победа за Европа – напиша шефот на државата во пораката.