Битолчани речиси еден век шетале врз „тепих“ од оружје од Првата светска војна / Фото: Општина Битола

Француските, српските и бугарските војски што биле стационирани по целата линија на фронтот и во Битола, при повлекувањето кон крајот на војната, оставиле зад себе и огромно количество неиспукани бомби, гранати и оружје. Затоа за Битола велат дека е град што лежи на оружје, кое најмногу го има во градскиот парк, касарната, под Тумбе Кафе, Заводот и музеј…

Големи количества оружје од војните во почетокот на минатиот век закопани „во темелите“ на градот под Пелистер

Историчарите напишале, а хроничарите забележале дека за време на Првата светска војна Битола, која се наоѓаше на линијата на фронтот, била цел на жестоки бомбардирања. Бомбардирањата на Битола започнале во пролетта 1917 година и траеле повеќе од една година, сѐ до пробивањето на фронтот. Тој период претставува еден од најтешките и најкрвави во историјата на градот под Пелистер. Затоа историчарите за Битола велат дека е македонски Верден, кој доживеал слична судбина како францускиот град, кој во Првата светска војна бил изложен на голем број жестоки бомбардирања.
Покрај големиот број жртви што зад себе ги оставиле тие бомбардирања, француските, српските и бугарските војски што биле стационирани по целата линија на фронтот и во Битола, при повлекувањето кон крајот на војната, оставиле зад себе и огромно количество неиспукани бомби, гранати и оружје. Затоа за Битола велат дека е град што лежи на оружје, кое најмногу го има во градскиот парк, касарната, под Тумбе Кафе, Заводот и музеј…

Градскиот парк како отворен магацин на оружје

Битолските пиротехничари, кои досега деминирале илјадници неиспукани бомби и гранати, велат дека градскиот парк во Битола бил буквално отворен магацин, кој бил преполн со неиспукани бомби и гранати. Поради близината со железничката станица во Битола, тој дел на градот, кој подоцна бил претворен во градски парк и градско шеталиште, практично бил преполн со муниција и оружје.
За тоа колку неиспукани бомби и гранати имаше во градскиот парк битолчани се уверија во 2008 година, кога тогашното општинско раководство предводено од бившиот градоначалник Владимир Талески почна со реконструкција на градското шеталиште. Само што се почна со реконструкцијата и поплочувањето се виде дека битолчани кога шетале по шеталиштето практично шетале по „тепих“ послан од неиспукани бомби и гранати. Подоцна, кога почна изградбата на јужната трибина на стадионот под Тумбе Кафе, битолчани се уверија и дека фудбалските натпревари се играле на терен преполн со неиспукани бомби и гранати.
– Извадени се вкупно 11.560 гранати. Во Македонија, па и на Балканот, нема случај на едно место да бидат пронајдени толку неиспукани бомби, кои беа уништени на Криволак. По ископувањето на теренот каде што се градеше трибината и официјалното завршија активностите за отстранување на неексплодираните бомби кај стадионот – изјави првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Димче Јошевски.

Битолчани се навикнаа да живеат со присутната опасност

Костадин Поповски е познат битолски пиротехничар, кој ни самиот не знае колку најдени неиспукани бомби деактивирал во Битола до пензионирањето. Оттаму него го викаат Кочо Бомбата. Сега Костадин Поповски е пензионер и повеќе не се занимава со таа опасна професија. Тој вели дека во многу наврати се соочувал со смртта, особено кога како командант на противпожарната единица во Битола учествувал во гаснењето на некои пожари, особено на Кајмакчалан, каде што исто така има огромен број неиспукани бомби и гранати.
– Јас честопати велам дека Битола лежи на бомби. Но имам чувство дека ние битолчани како да се навикнавме да живееме и спиеме со таа опасност. Тоа што ме загрижува и што ме прави да имам немирен сон е што со таквата опасност некако се навикнаа да живеат и надлежните институции, кои многу малку прават да се отстрани оваа опасност, со која се соочува Битола – вели Поповски.
Тој смета дека во Македонија нема доволно пиротехничари и тврди оти во Македонија моментално има вкупно четири.
– И во ситуација кога имаме илјадници неексплодирани гранати и бомби и по секое ископување откриваме илјадници оставени пушки и неиспукана муниција, во Битола, а и во Македонија, на прсти може да се избројат луѓето што останаа активни и можат и знаат да ги деактивираат тие опасни орудија. Ако не ме лаже помнењето, во Битола има само еден активен пиротехничар, а вкупниот број во Македонија се четворица. Во цела Македонија има само четворица пиротехничари, од кои еден во Битола, по еден во Струмица, Куманово и во Штип. И никој во државата не се прашува кој ќе нѐ наследи нас, кои со децении ја работевме оваа тешка и опасна професија. Пиротехничар не може да биде секој. За таа професија, покрај храброст, се потребни знаење и трпеливост. Но, за жал, никој не мисли на тоа. Сѐ е некако оставено на времето – вели Костадин Поповски.

Расте бројот на пронајдени пушки во битолската касарна

Дека со проблемот со недостигот од пиротехничари треба посериозно да се позанимава државата најдобра потврда е што неодамна, кога почна изградбата на новата противпожарна единица во старата битолска касарна, само за пет работни дена, колку што траеше акцијата за расчистување на местото, тимот за заштита и спасување пронајде и подигна ни помалку ни повеќе, туку 2.872 пушки, пет рачни бомби и две артилериски гранати, кои беа оставени од балканските војни. Пиротехничарот Ѓорги Стефанов од Битола, кој ја водеше теренската акција, рече дека теренот е исчистен, но дека сепак остава можност при понатамошни градежни активности да се појави уште некое парче неиспукано оружје.
Нему во расчистувањето на теренот на помош му дојде пиротехничар од Струмица, кој доаѓајќи кон Битола, да помогне во расчистувањето на старото оружје во касарната, во близината на Росоман, по претходна пријава, отстранил една артилериска граната од 75 милиметри.
– Расте бројот на пронајдени и подигнати пушки од балканските војни во поранешната битолска касарна на местото каде што ќе се гради новиот противпожарен дом. Екипите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска пронајдоа уште 1.408 пушки или вкупно за три работни дена се откриени 1.822 парчиња, а претпоставките се дека има над 3.000.
И додека Битола се соочува со илјадници неиспукани гранати и бомби, градот од оваа опасност засега се штити на тој начин што од Дирекцијата за заштита и спасување само ги предупредуваат граѓаните ако случајно пронајдат оружје, бомби, гранати и слични неексплодирани бојни средства (НУС) од минатите војни, да не ги фаќаат и да не ги поместуваат, туку да ги пријават локацијата и виденото на 112 во ЦУК, а потоа надлежните за НУС од Системот за управување со кризи безбедно ќе ги отстранат и неутрализираат, во согласност со стандардни оперативни процедури.
Искусниот деминер Костадин Поповски смета дека Битола треба да изработи проект, поддржан од меѓународната заедница, за деминирање не само на Битола туку и на Кајмакчалан, каде што исто така има илјадници неиспукани бомби и гранати, кои претставуваат голема опасност, особено кога на таа планина има шумски пожари, кои предизвикуваат експлозии. Наедно се предлага и деминирањето да биде задолжително пред почетокот на изградба на каков било објект во Битола и таквиот документ да биде задолжителен при секоја градба.