Грчкиот премиер пет години како тајно оружје го чувал планот за „поправање“ на Преспанскиот договор. Грција исчекори кон климакс со промоцијата на својот трговски бренд со провокативен наслов – „Македонија е голема“. Извори за „Нова Македонија“ тврдат дека новата македонска влада во формирање има план да одговори на овој безобѕирен грчки атак, во чија основа се повеќеслојни отворени претензии кон Македонија

Премиерот на Грција, Мицотакис, од Солун тргна во агресивна кампања со брендот „Македонија е голема“ и грчка

Историјата многу нѐ учи и затоа треба да се повторува. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во ноември 2019 година на висока нога одлучи да ја започне својата кампања за промовирање на брендот „Македонија“ како грчка сопственост за време на самитот во Солун, каде што ги покани македонскиот премиер во заминување Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов. Сега таа балканска тројка формално е раскината, претходно делегитимирана од граѓаните, но последиците за Македонија и како држава и како општество се видливи.
Во своето обраќање, Мицотакис тогаш рече дека ќе работи на тоа да останат отворени европските врати за Балканот, под низа предуслови и ќе работи на исправање на грешките направени со договорот од Преспа што Заев го потпиша со неговиот претходник Алексис Ципрас. Голем дел од планот на Мицотакис да ги „поправа грешките“ е да започне меѓународен притисок за етикетирање на Македонија како грчка. Мицотакис ја промовираше кампањата „Македонија е голема“, која треба да ги претстави македонската храна, вино и туризам како грчки. Мицотакис го повика „драгиот Зоран“ да покаже зрелост и реализам додека двете земји работат на намалување на „негативните последици“ од договорот од Преспа, на кој Мицотакис се спротивстави.

Мицотакис повторно со големогрчки идеи и повторно од Солун

Нецели пет години од тој настан, Мицотакис во понеделникот повторно од Солун најави економски контранапад против „северниот сосед“ со трговската ознака „Македонија е голема“. Вели дека му е жал кога слуша дека кога во светот се зборува за македонски вина, на ум се има Северна Македонија, па рече дека на добар пат е регистрацијата на трговската ознака „Македонија голема“.
– Навистина ми е жал кога слушам врвни грчки производители на вино во нашата земја да ни кажуваат дека постојат вина што се појавуваат како македонски и некои клиенти од странство кога говорат за македонски вина да ја имаат на ум Северна Македонија – ги пренесоа грчките медиуми зборовите на Мицотакис искажани пред Генералното собрание на Асоцијацијата на грчки извозници (СЕВЕ) во Солун.
Мицотакис кажа дека им требало време да ја регистрираат таа трговска ознака, но оти се на добар пат да го завршат тоа.
– Тоа е потег што добива и актуелно значење по последните провокативни изјави на нашите северни соседи. Нашата дипломатска реакција треба да биде придружена и со трговски контранапад, во прв план со автентичноста и квалитетот на производите и услуги на нашата Македонија и ова е и во ваши раце да го постигнеме заедно – им порача Мицотакис на присутните.

Кој од Владата во заминување да одговори на грчките провокации?

Во моментов, исто како и во Преспанскиот договор така и реалната ситуација е асиметрична и пак во корист на Грција. Мицотакис е во топ форма за ловење гласови за европските избори, најавува дипломатска офанзива за името „Македонија“, а македонската влада во заминување, која е во шок по изборниот дебакл, и нема никаков аргумент во рацете за да му извади каква било контратеза на Мицотакис. Зошто тоа е така е многу јасно – токму Владата во својот мандат кочеше промоција на брендот „Македонија“, па дури и самата нареди на сите саеми македонските вина да се промовираат под името „Северна Македонија“. Па дури и Преспанскиот договор, кој ги штити Грците на сите нивоа, не го забранува тоа. Напротив, употребата на приватни ентитети на придавката македонски е слободна.
– Владата на Заев, а потоа и на Ковачевски дури ја фаворизира употребата на кратенката „НМК“ за наши производи, нешто што не е пропишано со Преспанската спогодба. Користењето на „НМК“ е само за возилата, а за севкупна употреба со нашите во ОН потврдени кодови и стандарди се „МК“ и „МКД“ – вели дипломатски извор за „Нова Македонија“.


Костов: Грците мислат дека се господари на Македонија (!?)

Аналитичарот и познат брендолог Сотир Костов е на линија дека Грците тргнале многу рано / одамна во борба да го асимилираат името „Македонија“. Тој потсетува на грдите слики на некои саемски манифестации каде што на срамен начин, по барање на Грција и за жал и несреќа и по барање на македонската влада, биле отстранети од штандовите вина на кои стоело „Произведено во Македонија.
– Тие (Грците) мислат дека се господари на името. Но времињата полека се менуваат и гледам надеж дека ќе го враќаме името – оптимистички вели Костов.
Дипломатскиот извор ни кажа дека новата влада на Христијан Мицкоски во формирање ќе посвети особено внимание и енергија за промоција на името „Македонија“ во трговијата и во економијата.
– Идната влада ќе се посвети на ова прашање и со помош на македонската дијаспора, која е голема и економски моќна, ќе ги промовираме македонските производи како македонски. Тоа ќе значи и бришење на кодот „НМК“ секаде каде што непотребно се користи – вели дипломатски извор за „Нова Македонија“.

Христо Ивановски