Во време кога трае забрана за лов на риба, езерото е прополно со рибокрадци, кои во трката по профит не запираат пустошејќи го рибниот фонд, не водејќи сметка за опстанокот на рибите. „Нова Македонија“ во континуитет ги следи сите случувања што му наштетуваат на најстарото езеро во Европа и навремено ги алармира јавноста и институциите да преземат решителна акција за спас на овој наш бесценет македонски бисер
Алармантно сведоштво за најстарото езеро во Европа
Процес за целосно уништување на рибниот фонд се случува во моментот на Охридско Езеро. Надлежните безмалку ништо не преземаат да ја спречат ваквата појава. Некои служби со својата незаинтересираност, инертност и неангажирање, само дополнително го стимулираат рибокрадството, кое сега зазема невидени размери.
Во време кога трае забрана за лов на риба, соговорници сведочат дека езерото е прополно со рибокрадци, кои во трката по профит го пустошат рибниот фонд, не водејќи сметка за езерото, богатството на екосистемот, за биодиверзитетот, како и за опстанокот на рибите во Охридско Езеро, од кои некои се и живи фосили.
„Нова Македонија“ во континуитет ги следи сите случувања што му штетат на најстарото езеро во Европа и навремено ги алармира јавноста и институциите да преземат решителна акција за спас на овој македонски бисер. Претходно весникот во неколку наврати обрна внимание на постоењето на недвосмислени негативни индикатори за работењето на концесионерите, по што надлежните инспектори конечно се осмелија да излезат на терен и сами да се уверат дека се работи незаконски, на штета на рибарите, но уште повеќе на штета и опустошување на езерото.
Сега се повторува истата ситуација, само овој пат во обратна насока. Свесни за повторната и уште порадикална агресија над Охридско Езеро, при што нашите соговорници што алармираат и сами се очевидци на истребувањето на рибниот фонд, тие сега истакнуваат дека „наместо оние што своевремено беа најгласни во барањето да се одземе концесијата за управување со Охридско Езеро од поранешниот концесионер и да им се даде ним да го управуваат и да го чуваат, некои од нив полакомени од лесната и брза заработувачка во време на забрана за лов дневно извлекуваат по неколку стотици килограми риба, која секоја вечер може да се најде на менито на охридските и струшките ресторани“.
Охридско Езеро не може веќе да ја издржи ваквата злосторничка атака
Доброупатени извори од струшкиот дел на охридското крајбрежје, кои инсистираа да останат анонимни, за „Нова Македонија“ велат дека она што во моментот му се случува на Охридско Езеро е „рамно на катастрофа“. Тие бараат помош од сите совесни граѓани, екоорганизации и, секако, од надлежните институции и одговорно стојат на своите тврдења дека масовно не се почитува забраната за лов на риба, а рибокрадците дневно извлекуваат по неколку стотини килограми риба без да водат сметка за опстанокот на рибниот фонд.
– Ова што во моментот се случува тука е рамно на катастрофа. Езерото е речиси пред уништување. Се ловат сите видови риба, почнувајќи од пастрмката, која буквално е пред истребување. Секој ден рибокрадците извлекуваат меѓу 100 и 200 килограми пастрмка, најголем дел од нив е рибен подмладок, попознат во рестораните под името „стрвки“. Ако ти безмилосно го уништуваш подмладокот на оваа риба, ништо нема да остане од неа – вели изворот.
Тој потсети дека во минатото се почитувала забраната за лов на риба, а ловењето на пастрмката било дозволено исклучиво со блинкер.
– Порано забраната се почитуваше, а пастрмката се ловеше во периодот од мај до октомври, и тоа исклучиво со блинкер, бидејќи со овој начин на ловење се штитеа малите риби. Сега со ловот со мрежи се фаќаат и подмладоците на пастрмката, кои угинуваат заплеткани во мрежата – појаснува изворот, кој со голема доза на револт говори за анархијата што владее во Охридско Езеро.
За него ништо подобра не е состојбата ниту со ловот на белвицата, плашицата и јагулата, кои полека ги снемува од охридските води.
– Белвици се ловат мали, од 70 до 80 грама. Безмилосно се ловат и риби со икра, кои наместо да бидат вратени во вода, завршуваат на трпезите. Единствено кај нас во време на забрана имаш колку што сакаш пастрмка и да купиш, но и да јадеш во ресторан. Нема ниту порибување како порано, па јагулата веќе е исчезната. Единствено уште во Радожда може да се најде понекоја јагула, додека на потегот од Калишта до Охрид повеќе ја нема. Она што пред две-три години беше наменето за порибување, мистериозно исчезна и заврши по приватни рибници. Јагулата стана како злато, 30 евра за килограм – додава изворот за „Нова Македонија.
Кои се причините за ваквиот вандализам
Нашиот извор причините за ваквата состојба ги гледа во недоволната ангажираност на државата да се заземе за зачувување на рибниот фонд и на самото Охридско Езеро. За него е просто несфатливо толкаво езеро да се остави толку долг период без концесионер, а рибокрадството наводно да го спречуваат пет-шест чувари.
– Во моментот не постои контрола над езерото. Лови кој ќе стигне, и оние што се рибари, но и оние што не се. Трката по брз профит едноставно ги намами сите, така што неповратно се уништува рибниот фонд. Ниту надлежните инспекциски служби нешто прават, ниту, пак, полицијата е доволно ефикасна во справувањето со рибокрадците, па се чини дека и таа крена раце – наведува рибарот што реши да проговори за хаосот што владее во Охридско Езеро.
Тој меѓу рибокрадците препознава и дел од оние што до вчера се удирале во гради дека ќе ги заштитуваат езерото и рибите само ако му се одземе концесијата на поранешниот концесионер и ним им се даде управувањето на езерото.
– Истите тие рибари сега заборавија на она што го ветуваа, туку полакомени од заработувачката се препуштија на стихијата. Во езерото влегуваат и рибари и рибокрадци, нема никаква контрола, се краде на големо, а рибата се продава по рестораните. Ако продолжи вака, езерото ќе се уништи – појаснува нашиот извор.
Негово мислење е дека вината за ваквата состојба е исклучиво во државата и нејзините институции, кои едноставно не функционираат.
– Сега албанскиот дел на езерото е позаштитен од нашиот. Таму има забрана за лов и никој не влегува во вода, а на оние што ќе бидат фатени им се заканува затворска казна. Кај нас ќе фатат некого, ќе го опоменат и завршува со тоа. Затоа и повторно се враќаат на рибокрадството. Некои од инспекторите наместо да направат контрола во рестораните и да испитаат од каде доаѓа рибата на нивното мени, тие се задоволуваат со еден бесплатен ручек и толку. И некои од полицајците замижуваат на рибокрадците, чуварите не се ни обидуваат да ги спречат оти постојано им се закануваат, па затоа не треба да нè изненадува ваквата состојба – посочува изворот.
Како да се спасат езерото, рибите и сиот жив свет во езерото што е
поврзан во синџирот на исхрана
Со своето повеќегодишно рибарско искуство, нашиот извор нуди решение што може до некаде да ја спаси ситуацијата, која ја споредува со катастрофа.
– Според мене, она што сега треба да се направи е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да распише оглас за избор на концесионер, но концесионер што ќе биде добро организиран и што ќе се грижи и за рибниот фонд, како и за неговата редовна обнова. Обични чувари не можат да го заштитат езерото, а уште помалку за него ќе се грижат рибарите. Никаде во светот, барем јас не сум запознаен, нема рибари концесионери. Само добар концесионер може да го заштити езерото – категоричен е нашиот соговорник, притоа додавајќи дека има толку разочарани луѓе од сегашниве состојби со езерото што едноставно ја напуштија долгогодишната рибарска професија и се зафатија со други работи.
Тој уште еднаш упати апел до надлежните да направат нешто за спас на езерото.
– Го имаме најубавото езеро во Европа, но попусто. Сите кафеани во Струшко имаат направено тераси во езеро, сите фекалии се влеваат во езерото, канализациите од околните села исто така завршуваат во езерските води. Од тоа загадување ги снемува и рибите. Ако остане вака, за една година целосно ќе се уништи рибниот фонд – завршува нашиот соговорник, со доза на разочараност во неговиот глас од сликите на уништувањето на езерото што ги гледа секојдневно.
Од МЗШВ не одговорија на прашањето на „Нова Македонија“ дали имаат некакви сознанија за хаосот што се случува во Охридско Езеро и масовната појава на рибокрадство.