Рокот за повлекување на ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ е прекраток, смета поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи, Љубомир Ќучуков, кој во изјава за „БНТ“ посочи и дека Бугарија е под многу силен меѓународен притисок да го повлече ветото.

– Во сегашните услови нема начин да се донесе таква одлука пред самитот на ЕУ, кога во Бугарија претстојат преговори за формирање влада, нема начин – истакна Ќучуков.

Тој додаде дека е важно да се види дали ставот за нов пристап во преговорите со Македонија на лидерите на „Промената продолжува“ ќе се преточи во евентуална коалициска платформа на идната бугарска влада.

Ќучуков смета и дека Бугарија во последните шест месеци го преакцентирала својот пристап кон Македонија, како и оти мора да работи на изнаоѓање решение кое ќе биде взаемно и по пат на дијалог.