Народите на Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела, а ако Унијата не дејствува, разочарувањата кај регионот ќе бидат непоправливи и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка. Ова го истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска ги почна активностите утврдени во агендата од неговата работна посета на Словенија, по повод Самитот на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Брдо-Крањ.

Заев имаше заедничка средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, со премиерот на Словенија Јанез Јанша и со претседателот на Бугарија Румен Радев.

На средбата беше потенцирана важноста на проширувањето на ЕУ со земјите на Западен Балкан, беше поздравено тоа што за Брисел и натаму проширувањето на Унијата со земјите од регионот останува стратешки приоритет, што се очекува да биде нотирано и во денешната декларација од Самитот.