Пендаровски до Гир

Претседателот Стево Пендаровски го прими шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.

На средбата беа разменети мислења и информации за европските перспективи на Македонија, за можностите за отпочнување на пристапните преговори за членство во Европската Унија и за текот на имплементацијата на реформите во насока на исполнување на европските стандарди.

– Целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е суштинска гаранција за натамошен демократски развој, стабилност и просперитет на регионот. Ниедна земја членка на Унијата не смее преку поставување на ирационални барања да ја доведува во прашање европската иднина на нашиот народ – посочи на средбата претседателот Пендаровски, додавајќи дека само преку дијалог и почитување на принципите и темелните вредности на Европската Унија и на меѓународното право, може да се надминат билатерални разлики и предизвици.

Македонија останува силно посветена на политиката на добрососедство и регионална соработка, истакна претседателот Пендаровски, потенцирајќи дека почетокот на преговорите за членство ќе претставува дополнителен поттик за забрзување на реформите.

На средбата беа разменети мислења и за актуелните мерки и состојби во Европската Унија во насока на справување со пандемијата на ковид-19, при што претседателот Пендаровски изрази благодарност за солидарноста и поддршката од ЕУ за здравствениот сектор, како и за финансискиот пакет со цел справување со социо – економските последици од пандемијата.