Фото: Игор Бансколиев

Два различни агли на парадата за независноста

Македонија одбележа 30 години од прогласувањето на независноста со централна прослава што се одржа во средата вечер, пред македонското собрание, местото во кое формалноправно се заокружуваа сите одлуки што доведоа до создавањето на независната македонска држава.
Манифестацијата започна со дефиле на националните ансамбли и културно-уметничките друштва, здравствените работници, пожарникарите, на рударите, земјоделците, волонтерите од Црвениот крст, извидниците, спортистите, како и на припадниците на полицијата и армијата, за да финишира со музички дел и краток огномет.
Со вклучувањето претставници од разни гранки во општеството, всушност, се оддаде признание за сиот ангажман во негувањето на традицијата, културата, образованието, одбраната, безбедноста, спортот, економијата и сите други гранки што се клучни во развојот на една држава. Македонија и сите нејзини граѓани, претставени преку групите што продефилираа на парадата, навистина заслужуваат да бидат на пиедесталот на победникот, бидејќи херојски е низ сите историски премрежиња, негирања, притисоци, оспорувања, да се остане на нозе, со гордо и кренато чело, и да се прослави 30 години независност, со порака и до нашите предци и до идните неродени генерации дека Македонија ќе опстои и ќе се развива токму онаква каков што е заветот што се пренесува со векови, од колено на колено.
Некои од познавачите на социолошките состојби во земјава сметаат дека парадата по повод Денот на самостојноста токму преку моментот на претставување на лекарите, земјоделците, рударите, спортистите и другите го покажала сето она врз што се потпира една држава.

– Тоа беше позитивен, исклучително мотивирачки и вдахновувачки елемент на парадата, да се истакне дека ние сме држава што има земјоделство, рударство, спортисти, пожарникари, сето она врз што може да се потпре општеството. Можеби нивното парадирање можеше да се направи на еден подобар начин, како еден сплет на сите тие професии, да може публиката подобро визуелно да го доживее тоа и она со што тие се занимаваат – вели Илија Ацевски, социолог.
Според него, интересен бил и пристапот со фолклорот што ја отсликува мултиетничноста во општеството и навистина тоа кај нас дава една нота на единство на различности, било да се тоа етнички, конфесионални или културолошки. Всушност, прикажувањето на тие различности ја прикажува Македонија во вистинската светлина, духовно богата, разнообразна, а сепак заедничка татковина и родина за сите оние што живеат и работат во неа и за неа. Токму такво едно општество овозможило низ историјата баш овде, во Македонија, еден до друг, различните фреквенции на ентитетите да доведат до заедничка и конструктивна позитивна резонанција, која е белег на нашето битисување.
Некои од граѓаните што се најдоа на настанот велат дека најмногу им се допаднал моментот со вниманието што им е посветено на оние што ја градат државата.
– Интересен беше мозаикот од толку многу народни носии од сите заедници во земјава. Покрај тоа, добро е што имаше и лекари, кои овие две години вложуваат натчовечки напори во борбата со ковидот, пожарникарите што цел месец гаснеа пожари, земјоделците што ни ги полнат пазарите, рударите, децата…Навистина е убаво да се види дека не се заборавени луѓето што ја градеа и што ја градат оваа држава – вели Милка Николовска, пензионерка од Скопје.
Таа додава дека можеби поимпозантно и повпечатливо ќе било сето ова да се организирало на стадион.

– Јас сум постара и паметам ваков тип прослави. Можеби требаше сето ова да се организира на стадион, за да може целосно да се долови моментот, но очигледно дека ковид-протоколите си го направија своето. Можеби за 50-годишнината ќе го имаме и тоа. Сепак, маса од луѓе на едно место, собрани за еден повод во иднина, би дало многу повеќе заедничка енергија, воодушевување, мотивација и заемна поддршка да се истрае во најголемите предизвици, пред какви што сме исправени и денес. Психологијата на толпата, се разбира, во позитивна конотација, е она што ни треба нам. До скоро, тоа го доживувавме на спортските настани, во спортските арени. Тоа ја гради нашата припадност, кон нацијата, кон државата и наедно тоа нѐ разликува од другите нации и држави, кои безумно сѐ уште сакаат да ни ги киднапираат идентитетот, јазикот, културата, историјата… – додава Николовска.
Социологот Илија Ацевски има извесни забелешки во делот на должината на говорите на политичарите, музичкиот избор, но и на недоловувањето на свечениот момент на самиот празник.
– На целата манифестација требаше да ѝ се даде еден свечен, но и радосен момент. Ова се прави за народот, за граѓаните за да може да се почувствуваат радосно за трите децении самостојна држава. Тоа генерално и се случи, но споменатиот момент малку ми недостигаше во целата манифестација – заклучува Ацевски.