Со каква динамика функционира новиот собраниски состав и која е неговата досегашна ефикасност во работењето? Овие прашања и дилеми се актуелни во јавноста периодов, кога државата е исправена пред мноштво предизвици на глобален политички и економски план, но и поради пандемијата на ковид-19.
Податоците за работата на Собранието воопшто не се охрабрувачки. Така, на пример, првиот работен ден на парламентот траеше само 10 минути и беше прекинат со пауза од неколку часа поради процедурална забелешка за материјали што треба да се преведат на албански јазик. Ваквата практика продолжи и во наредните работи денови откога заседава парламентарниот состав, во кој има чести попречувања во работата поради различни причини, како процедурални забелешки, различни толкувања на Деловникот, барања за присуство на министер што предложил законско решение, здравствени протоколи за ковид-19, но и често немање кворум. Натаму, слична е состојбата и кај собраниските комисии, каде што, пак, паузите се почести и подолги од дебатите на народните избраници. Собраниските седници станаа реткост и покрај сложеноста на ситуацијата во државата, предизвикана и од пандемијата на ковид-19 и од потребата за наоѓање решенија за надминување на состојбите, пред сѐ во сегментот на економијата и здравството.
Според пратениците од опозицијата, причина за нефункционалниот парламент се тенкото мнозинство на власта и неорганизираноста, а според оние на владејачкото мнозинство, пак, состојбите се такви бидејќи треба да има разбирање за новонастанатата ситуација со пандемијата.
Во сублимиран заклучок, политичките аналитичари велат дека пратениците треба да го забрзаат темпото за работа за да ја покажат одлучноста Собранието да е предвесник на излезот на државата од економската криза во која западна како последица од пандемијата на коронавирусот.
Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека парламентот не работи со полн капацитет, за што причина е тенкото мнозинство.

Тој истакнува дека и во Владата е слична состојбата, ако се погледнат и седниците што досега ги има одржано, каде што има само усвоени информации за проекти, има заклучоци што не се содржајни во поглед на поведување иницијативи, законски решенија, измени на закони и други слични проекти.
Сличен став има и политикологот Милан Стефаноски, кој вели дека во моментов нашиот парламент функционира во исклучително несекојдневни околности, а сето се должи на низа фактори.

Стефаноски се надева дека како во иднина пратениците ќе бидат поефикасни во работата.
Тој вели дека Собранието мора да ја зголеми динамиката, бидејќи сето тоа индиректно ќе значи и нефункционалност на Владата и државата во овие моменти кога треба да се донесат важни закони за доброто на сите граѓани.