Фото: Маја Јаневска-Илиева

В среда и в петок околу 3.400 третоодделенци ќе полагаат државни тестови, кои годинава се реализираат како пилот-проект, а веќе на почетокот на јуни средношколците полагаат државна матура. Досега заврши меѓународното тестирање ПИРЛС, во кое учествуваа околу 3.300 ученици од 150 училишта низ државата

Откако заврши меѓународното тестирање ПИРЛС, во кое учествуваа околу 3.300 ученици од 150 училишта низ државата, на ред е националното тестирање, кое ќе се реализира в среда и в петок. Како што информира Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар, в среда и в петок околу 3.400 третоодделенци ќе полагаат државни тестови, кои годинава се реализираат како пилот-проект.
– Што се однесува до ПИРЛС, тестирањето заврши, ги прибираме материјалите од училиштата. Си има одредени рокови, односно до крајот на август треба да се испратат тестовите во Бостон. Што се однесува до националното тестирање, веќе се организираме, ги подготвуваме материјалите за тестирање, а тестирањето ќе се реализира в среда и в петок со физичко присуство. Третоодделенци веќе работат со наставниците, избрани се ученици од 80 училишта, кои учат на македонски и на албански наставен јазик. В среда, на првиот ден, ќе полагаат Мајчин јазик, а в петок Математика – вели директорката.
Тестот по Математика ќе биде ист за сите ученици, а тестирањето ќе трае од 9 до 11 часот.

– Не се многу тешки прашањата, повеќе се со практична примена и се приспособени на возраста. Од нив ќе видиме колку ученикот може да има применливи вештини во реалниот живот. На пример, ќе има на слика монети наредени, а ученикот ќе треба да ги собере и да каже колкав е збирот. Ова се прави за да знаат во продавница кои монети да ги дадат кога нешто купуваат. Или на пример, часовник ќе имаат, па ќе треба да кажат точно време. Ова е математика што не подразбира само сувопарно собирање и одземање. Што се однесува до тестот по Мајчин јазик, дел од прашањата ќе бидат од граматика, а ќе има и три текста малечки, за кои ќе има прашања. Ќе треба да ги извлечат одговорите со логичко размислување. Прашањата ги правеа наставници од одделенска настава избрани на конкурс – вели Наумовска.
Државниот испитен центар е институцијата во која се подготвуваат и прашањата за државната матура.
– За матурата за првиот ден сме комплетно подготвени. Полагањето ќе се одржи на 5 јуни, кога матурантите ќе полагаат Мајчин јазик во сите средни училишта. Тоа е прв задолжителен предмет од екстерните испити, а на 11 јуни учениците ќе полагаат Математика или Странски јазик. Подготвени сме за полагањата – додава директорката.

Веднаш по полагањето, според пријавите што ќе ги добие ДИЦ од училиштата, ќе се знае колку ученици ќе полагаат во дополнителни термини заради отсуство од првичните датуми.
– Можеби ќе има ученици што имаат решенија за изолација, па за нив ќе испечатиме материјал, а испитите ќе ги полагаат на 25 и на 28 јуни – вели Наумовска.
Годинава вкупно 15.300 матуранти ќе полагаат државна матура. Резултати се очекува да има околу 15 јуни. Тестовите ќе ги прегледуваат професори, кои ќе бидат оценувачи. Ќе се полага во сите училишта, по прецизно утврдени протоколи. Во август ќе има други рокови за полагање матура.