Фото/Илустрација: Игор Бансколиев

Партизацијата, негативната селекција на кадрите и силните линкови на вработените во државните, пред сѐ во безбедносните и во правосудните служби со политичките партии, како и отсуството на суштинската цивилна контрола врз безбедносните служби, според оцените на експертите, се причина што случаите на уцена и изнуда, преку злоупотреба на службената положба и овластувања, постојано се повторуваат. Во последниот случај се евидентни и некоординираност и неусогласеност на надлежните служби и органи, кои повторно ја префрлаат топката едни кон други

ПОВТОРНО НАРУШЕНИ ДОВЕРБАТА И КООРДИНАЦИЈАТА МЕЃУ ИНСТИТУЦИИТЕ

По искуствата со случајот „Рекет“ и голем број други во кои како актери беа посочени и функционери и службеници во државни институции, на јавноста завчера ѝ беше сервирана и информација за „голема полициска акција“, во која две лица, од кои едно, наводно, вработено во Агенцијата за национална безбедност, биле приведени при обид да рекетираат скопски бизнисмен, презентирајќи му лажна кривична пријава. Иако од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство вчера, со соопштенија, потврдија дека имало таков случај, од Агенцијата за национална безбедност во целост ги демантираа наводите за апсења и инволвираност на нивни вработени. Но во јавноста остана впечатокот дека методите на уцена и изнуда, преку злоупотреба на службената положба и овластувања, прераснаа во мошне профитабилен бизнис, особено кога се знае колку бавно функционира правдата во земјава.
Партизацијата, негативната селекција на кадрите и силните линкови на вработените во државните, пред сѐ во безбедносните и во правосудните служби со политичките партии, како и отсуството на суштинска цивилна контрола врз безбедносните служби, според оцените на експертите, се причина што овие ситуации постојано се повторуваат и што во јавноста е присутно уверување за нивна голема подложност на криминал и корупција.

– Проблемот со службите за безбедност, полицијата и така натаму е во силната партизација на институциите, во вработувањата според негативната партиска селекција и во силните линкови што тие ги имаат со партиските раководства, а што на вработените во службите со посебни права и овластувања им овозможува да се чувствуваат комотно и сигурно да прават сѐ што сакаат. Кај нас, сето тоа веќе поприма загрижувачки димензии, особено во полициските и во безбедносните служби. Кон тоа сигурно придонесува и фактот што таканаречената цивилна контрола на овие служби, кај нас е само фарса – објаснува поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник во повеќе собраниски состави Павле Трајанов.
Инаку, Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи вчера потврдија дека е поднесена кривична пријава и е поведена постапка против две лица, од кои едното е осомничено дека сторило кривично дело измама од членот 247 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека за другото постои основано сомнение дека сторило кривично дело лажно претставување во согласност со членот 391 став 1 од Кривичниот законик.
– Првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти согласно кои наводно поседувал информации дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, од еден од наводно осомничените во таа постапка и негов пријател побарал парична награда од 75.000 евра, кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати, за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица, истражители во обвинителството, за да се запре постапката. Наредбата со невистинита содржина што му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице.

Во тоа му помогнал и вториот осомничен, кој на средба со оштетениот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. На трети ноември, првиот осомничен се сретнал со оштетениот во ресторан во Скопје и зел од него парични средства во висина од 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши.
Бидејќи во конкретниот случај постои реална опасност од бегство на двајцата осомничени, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за определување мерка притвор – се вели во речиси идентичните соопштенија од Обвинителството и од МВР.
Од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), пак, во целост ги демантираат наводите за апсења или инволвираност на нејзини вработени во овој случај.
– Почитувајќи ги начелата на транспарентност и отчетност пред граѓаните ја демантираме како целосно неточна пласираната информација дека кој било од вработените на Агенцијата е ангажиран како истражител на Јавното обвинителство, во согласност со членот 50 од Законот за кривична постапка. Постапувајќи во согласност со одредбите од членот 287 од ЗКП, Агенцијата овозможи пристап и увид до сите барани податоци од страна на Судот во претходна постапка, при што неспорно се утврди дека не постојат никакви податоци или документи што би можеле да упатат на каква било инволвираност на вработени во АНБ во случајот – објавија оттаму.
Од Агенцијата напоменуваат дека припадниците на безбедносните служби, постапувајќи во рамките на своите работни обврски, покрај другото, може да остваруваат контакти и со поединци од криминални, екстремистички и терористички средини и за истите тие во согласност со подзаконските и интерни акти постојат оформени службени материјали.

– Оттука, изјавите и обвинувањата на таквите поединци треба да се примаат со должна резерва и да се утврди нивната веродостојност од страна на сите со закон утврдени институции, што, за жал, во оваа постапка не беше случај – објаснија од АНБ, потсетувајќи дека ракувањето со информациите од областа на националната безбедност е регулирано со Законот за класифицирани информации и апелирајќи на особена внимателност и претходна проверка при комуницирање на класифицирани податоци кон јавноста.
Очигледната и веќе видена неусогласеност на надлежните, и овој пат ѝ остави на јавноста широк простор за сомневања и шпекулации во однос на конкретниот случај, но и воопшто во однос на можностите за секакви злоупотреби на службената положба и овластувања, што целиот систем го прави ранлив, а испраќа и многу лоша порака како кон домашната, така и кон меѓународната јавност. Д.М.М.