Фото: Игор Бансколиев

За жал, во некои од овие граѓански екопротести, како по некое непишано правило, тесниот интерес на политиката на одредени партии што немаше баш допир со екологијата имаше замешателство. Со тоа, екоострицата на граѓанските организации затапуваше, а сѐ поостра и попрепознатлива беше политичко-партиската линија за реализација на одреден тесен политички интерес, наместо оној поширок и општограѓански: заштита на природната и животната средина за сите граѓани, локално и глобално!

Наместо екомимикријата на политичките партии

Еколошките протести стануваат секојдневие во земјите од регионот. Голем број граѓански здруженија и еколошки активисти стануваат сѐ поактивни во преземањето иницијативи за спроведување различни форми за заштита на животната средина. Опсервирајќи го дејствувањето на еколошките организации, може да се забележат и различни мотиви за добивањето на нивната гласност во последниот период. Тие имаат широка палета: од изворни екомотиви поврзани со природата, како во случајот со трите друштва во Албанија, кои бараат да се воспостави „одржлив развој“ на водотекот на реката Вјоса, последната дива река во Европа, со прогласување на ова подрачје за национален парк. Понатаму, во другите земји протестите не беа толку поврзани со природата, колку што беа со животната средина и укажуваа за агресивната „урбанизација на главните метрополи на Балканот“. Исто така, во други примери се препознаваа и протести против галопирачкиот тренд на индустријализацијата на глобалните мултинационални компании, односно со отворање нови рудници и мини-електроцентрали во повеќе земји во регионов. Во некои од овие граѓански екопротести, по правило, политиката на одредени партии имаше замешателство, со што екоострицата на граѓанските организации затапуваше, а сѐ поостра и попрепознатлива беше политичко-партиската линија за реализација на одреден политички интерес.

Зелените партии го преземаат екоприматот над невладините екоздруженија?

Во Македонија во последните години има некакво „раздвижување“ во сферата на заштитата на животната средина, но се чини дека активностите на еколошки освестените граѓани имаат ограничено дејство. Засега, тоа се сведува на организирање ад хок протести од невладини организации што имаат ограничено дејство и ефекти. Но, како нова појава, за обележување е формирањето или поточно трансформирањето во т.н. зелени партии. Тоа се направи во некои случаи и прекуноќ, што навистина од политичко-социолошки аспект, па и од аспект на идеолошка промена на политичко-партискиот курс, остави впечаток на еден обид за „политичко посипување со пепел“ и некаква мимикрија. А најдалеку со ваквата „еколошка мимикрија“ отиде етнонационалната партија ДУИ, која одеднаш се самопрогласи за „зелена“ партија! Иако таа долго време беше во државната и во локалната власт, оваа партија воопшто не се ангажираше во спречувањето на дивоградбите во општините со кои раководат нејзините кадри. Такви примери има многу, од платформата во заштитната зона на хидроцентралата „Матка“, нелегалната градба во Гази Баба и во Чаир, како и урбанистичкиот упад во националниот парк Маврово. Екологистите и планинарите подолго време предупредуваат на масовната нелегална сеча на шумите на Шар Планина и на другите планински региони. Меѓутоа, засега нема никаква конкретна акција на интегративците на планот на екологијата, ако не се смета на министерот за надворешни работи, кој набави електрични тротинети за домашните дипломати! Конкретна акција отсуствува и од другите политички партии што го носат еколошкиот предзнак.
Драган Николоски од еколошкото друштво „Екоскоп“ смета дека еколошката свест кај граѓаните во земјава и во регионот е на сѐ повисоко ниво, но забележува дека еколошкиот активизам во Македонија може да биде и поорганизиран.
– Во нашата држава, во која е присутна недовербата во институциите, спласнува и тој еколошки активизам. Просторот за еколошко дејствување им се препушта на политичките субјекти. Партиите го користат моментот за остварување на своите цели, но главниот проблем е што тие треба да бидат и главните носители за заштитата на природната средина. Секоја досегашна власт беше повеќе или помалку насочена кон решавање на еколошките проблеми на граѓаните. Целосно се потфрли на овој план, поради посветување на други приоритети. Сите партии настапуваат демагошки кога станува збор за екологијата, а малку прават тоа што ќе го искажат и да го применат во практика. На клучни места се поставуваат луѓе без еколошка свест, со чест на исклучоци, кои ги познавам и кои се целосно предадени на својата работа – вели Николоски.

Нашите партии се повеќе политички отколку еколошки

Сѐ поголемото внимание на македонските партии кон екологијата, според Николоски, повеќе е израз на партиски прагматизам, отколку на јасно изразена грижа за зачувување на животната средина на граѓаните.
– Не сум убеден дека партиите во Македонија искрено се залагаат за екологијата. Некои што се нарекуваат еколошки партии го искористија бранот што се појави во западноевропските земји за придобивање на довербата на граѓаните. Нашите партии се повеќе политички отколку еколошки. Сега се промовираат и во нови „зелени“ партии, но што точно значи зелена партија? И претходно овие партии раководеа со клучните еколошки ресори, но ништо не постигнаа за сите овие години. Поентата е да се донесе правна регулатива што ќе биде и доследно почитувана, а за секој еколошки прекршок да се донесе и соодветната и пропишана казна за загадувачот. Потребно ни е консеквентно дејствување, а не само формално – ни изјави Драган Николоски, долгогодишен еколошки активист.

Заштитата на животната средина не треба да се политизира и партизира

Маја Морачанин, претседателка на ДОМ и пратеничка во македонскиот парламент, вели дека политиката и екологијата и треба да се мешаат, но не треба заштитата на животната средина да се политизира и партизира.
– Здрава животна средина за граѓаните е еднакво важна како и другите области, како здравството, економијата… Лично не сум задоволна од тоа што е направено досега во екологијата. Има одредени исчекори, но тие не се доволни. Потребно е зајакнување на институционалните капацитети на сите нивоа, за да се искористат сите можности за реализирање на еколошките проекти. Недостига координација на различните институции. Има цел пакет на закони за третирање на отпадот, кој сѐ уште не е донесен од парламентот. Конечно, мораме да се посветиме на спроведување на препораките од Европската комисија, кои се однесуваат на недоволните финансиски средства за заштита на околината, како и на слабите институционални капацитети и нивна подобра координација. Иако кај партиите постои декларативна заложба за подобра екологија, не можеме да постигнеме двотретинско мнозинство за гласање на законот што предвидува повисоки казни за загадувачите – ни изјави Морачанин.