Фото: Принт-скрин

Мјаукањето на новата Мис Универзум, 21-годишната Харназ Санду од Индија, ја стави во втор план нејзината порака за зајакнување на положбата на жените и го соочи организаторот на натпреварувањето за убавина со критики. Санду, која беше крунисана со престижната титула на 70-то издание на изборот за Мис Универзум одржано во Еилат, Израел, е позната како силна поборничка за правата на жените и за подобрувањето на нивната положба, особено во нејзината држава.

Постапката на водителот на церемонијата Стив Харви наиде на негодување, откако тој ја праша Санду да имитира животно на сцената, наместо да разговара за нејзините постигнувања.

„Слушнав дека добро имитираш животни, ајде да ја слушнеме твојата најдобра имитација“ кажа Харви, на што Санду, изненадена, одговорила оти не очекувала такво прашање додека е на сцената, пред да додаде дека ќе ја направи имитацијата бидејќи нема друга опција. Таа потоа упатила неколку гласни извици на мјаукање.

Санду на натпреварот се претставила како силна поборничка за зајакнување на положбата на жените во светот, а таа работи заедно и со нејзината мајка која е гинеколог за подигање на свеста за женската хигиена во мобилните здравствени установи.

– Знајте дека сте единствени и тоа е она што ве прави убави. Престанете да се споредувате со другите и ајде да разговараме за други поважни работи што се случуваат во светот – беше пораката што новата Мис Универзум 2021 им ја испрати на жените од светот за време на натпреварот.

 

На јубилејниот 70-ти натпревар, во конкуренција беа девојки од 80 различни земји. Титулата прва придружничка ја освои Мис Парагвај, Надија Фереира, додека Мис Јужна Африка, Лалеу Мсване, беше избрана за втора придружничка. Круната на Санду и ја врачи минатогодишната победничка Андреа Меза од Мексико.

Санду е добро позната во светот на манекенството, како последната победничка на „ЛИВА Мис Дива“, и крунисана Мис на Индија, што се смета за е една од најпрестижните награди. Санду работи и како актерка, а најголема инспирација ѝ е познатата Пријанка Чопра. Во слободното време ужива во јога, танцување, готвење, шах и јавање.

За Индија ова е трета победа во изборот за Мис Универзум, во 1994 година за најубава беше избрана Сушмити Сен, a во 2000 титулата и припадна на Лара Дута.

Фото: Инстаграм

Претставнички на изборот за Мис Универзум од поранешните југословенски републики беа 20-годишната Хрватка Ора Иванишевиќ и 19-годишната мисица на Косово Тути Сејдиу.

Меѓу 16 претставнички во најтесниот избор беа мисиците од САД, Јужна Африка, Венецуела, Парагвај, Филипини, Аруба, Индија, Велика Британија, Јапонија, Бахамите, Виетнам, Порторико, Панама, Сингапур, Колумбија и Франција.

Фото: Инстаграм

На овој избор за Мис на светот за првпат се натпреваруваше претставничка на Обединетите Арапски Емирати, а по повеќе од четири децении се појави и претставничка на Мароко.