Поднесена е интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери, соопштија пратеникот од Левица Димитар Апасиев и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, на денешната заедничка прес-конференција.

Тие образложија дека интерпелацијата е поднесена бидејќи Џафери во обраќањето на самитот на Европскиот парламент говорел само на албански јазик, поради начинот и примената на албанскиот јазик во Собранието, како и за гласањето на пратениците.


Левица: Обезбедена е поддршка за интерпелација на Џафери

Првичната иницијатива на двајцата пратеници на Левицата за поднесување интерпелација за работата на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, наиде на голема поддршка кај македонската опозиција и таа денес е поднесена преку архивата на македонското Собрание, соопштија од Левицата.

– И покрај тоа што во катастрофалното менаџирање на внатрешната работа на Собранието на РМ може да се набројат над 30-ина прекршувања на Уставот, законите и Деловникот – сепак, поради ограничениот простор, поднесената интерпелација се однесува на три главни причини: повреда на Амандманот В од Уставот на РМ преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министрите на Европскиот парламент како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката; свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот преку противуставно, противзаконско и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници што говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот; и повреда на протоколот и дополнението на протоколот за организирање седници во услови на корона-криза кога спикерот – правејќи кривично дело – дозволи двајца позитивни пратеници на ковид-19 да гласаат во скафандери во Собранието на РМ свесно загрозувајќи им го здравјето на сите други пратеници – е посочено во писменото соопштение од Левицата.

Од оваа партија дополнуваат дека на 2 јули правниот тим на Левицата поднел и итна иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, кое е надлежно да врши контрола над правилната употреба на македонскиот јазик од страна на јавните и приватните субјекти.

Истовремено, ги повикуваат сите пратеници, и од власта и од опозицијата, да ја поддржат интерпелацијата со цел, како што напоменуваат, преку заедничко дејствување да се стави крај на самоволието на собранискиот спикер, кој во последно време, како што велат од Левицата, покажува недозволиви автократски тенденции.