Фото: Игор Бансколиев

Средбите на македонскиот претседател Стево Пендаровски со неговиот полски колега Анджеј Дуда и придружните делегации, се во тек во Вила Водно, во рамки на дводневната официјална посета на полскиот лидер на земјава.

– Добредојде за полскиот претседател Анджеј Дуда. Церемонија со највисоки државни и воени почести по повод неговата официјална посета на Северна Македонија. Со заеднички напори и посветеност изградивме одлични македонско-полски односи и плодна соработка во изминатите години, врз основа на меѓусебна почит и традиционално пријателство – напиша Пендаровски на Фејсбук по пречекот на неговиот полски колега.

Предвидено е двајцата претседатели да одржат заедничка прес-конференција.

Пендаровски и Дуда ќе присуствуваат и ќе имаат обраќања на Македонско-полскиот бизнис-форум во Скопје, а ќе положат и венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

Дуда во рамки на посетата ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев.