Според експертите, станува збор за нелегални дигитални финансиски средства со кои не смее да се плаќа и тргува. Во Македонија имаме своја единствена легална валута што е платежно средство. Но, и покрај тоа, појавата на „копање криптовалути“ е најзастапена во Скопје, Тетово, Арачиново, како и во Чаир, Ченто и Шутка. Освен упадот врз финансискиот систем, оваа појава е сериозна закана и за енергетиката, бидејќи копањето на дигиталните пари црпи многу струја

Копањето криптовалути ги вшмукува и
финансиската и енергетската моќ на државата

Темата поврзана со употребата и тргувањето со криптовалутите од ден на ден станува сѐ поактуелна во светот и во Македонија. Овие дигитални пари го привлекуваат вниманието на јавноста бидејќи нудат можност за брза заработка, со голем сопствен ризик. Македонските регулатори сѐ уште немаат јасна визија за законската рамка за криптовалутите. Додека се чека конкретен закон, во земјава криптовалутите се „сива зона“.

Користењето средства за плаќање што не се во согласност со нашите
закони е противзаконско?

Трагајќи по одговори на темата, се консултиравме со универзитетски професори, кои велат дека криптовалутите функционираат на полулегален начин во земјава, но и генерално во светот. Професорите советуваат дека нашата земја и државите во светот треба да најдат механизам како да се спроведе институционална рамка за контрола на законот врз употребата и плаќањето со овие дигитални пари.
Професорот Ванчо Узунов од Економскиот факултет вели дека кога се говори за темата поврзана со криптовалутите, треба да разбереме дека станува збор за нелегални дигитални средства, со кои не смее да се плаќа и тргува во Македонија, бидејќи имаме своја единствена легална валута што е платежно средство.
– Секакво користење средства за плаќање што не се во согласност со нашите закони е противзаконско. Дополнително, кога зборуваме за овие нови платежни средства, треба да се разбере дека иако, според законот, не е забрането тие да се „копаат“, односно зголемуваат, сепак, нивата употреба е забранета и за тоа се презема одговорност со кривична пријава – вели професорот.
Тој додава дека проблем со овие платежни средства е што се троши многу струја во процесот за нивно размножување.
– Ова е особено проблематично и некој во државата навреме треба да реагира ако се знае дека се соочуваме со енергетска криза, која може сериозно да ја загрози нашата економија, но и животот на граѓаните. Во моменти кога е под знак прашалник дали ќе имаме доволно струја да се грееме, нелогично е државата да дозволи некој „легално“ да копа криптовалути и да троши несразмерно многу електрична енергија – вели професорот.
Тој советува дека Македонија треба да ги следи примерите на земјите што забраниле секаква употреба и размножување на криптовалутите, бидејќи тие се проблематични за институционална контрола за следење на нивните текови, за плаќање или неплаќање даноци, но и за нивната сигурност, бидејќи не постои меродавна организација што би утврдила колку вредат тие.
Дополнителен проблем, според професорот, е што не постои механизам за заштита од луѓето што користат криптосредства, бидејќи тие немаат статус на депозити, при што не постои механизам во кој некој би бил обесштетен ако се случи некоја несакана ситуација во трансакциите.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит, пак, вели дека криптовалутите се една нова и модерна технологија, која е во чекор со новото време и се труди да го отстрани посредникот од која било меѓусебна платежна комуникација.
Според професорот, тоа е само начин да се реши банкарската провизија помеѓу корисниците и конечниот производ и со тоа да се овозможи малку поефикасен начин на комуникација и, се разбира, трансакција.
Според него, на овие валути им недостига легалност, која ќе се изрази во дигитална инфраструктура. Тој советува дека во периодот што следува државите треба да се ангажираат и да најдат законски рамки за да создадат незамисливи општествени промени и услови за функционирање на криптовалутите.

Институционална димензија

Од Народната банка на Македонија истакнуваат дека во однос на прашањата поврзани со криптосредствата и нивниот третман, активно се следи согледувањата на регулаторните тела на Европската Унија.
– Во документите издадени од регулаторните финансиски тела на ЕУ (ЕБА, ЕСМА) преовладува иста дефиниција, и тоа дека криптосредство претставува средство што главно зависи од криптографијата и технологијата на дистрибуирани записи и синџири на блокови, како дел од неговата осознаена и вградена вредност, не е издадено или гарантирано од централната банка и може да се користи како средство за размена, инвестициски цели и/или за пристап до средства и сервиси. Криптосредствата во ретки случаи може да имаат третман како финансиски инструменти и/или електронски пари. Во најголемиот број случаи тие не се опфатени со законите во финансиската област. Во отсуство на регулација не се применуваат вообичаените заштитни механизми што важат со регулативите во финансиската сфера и затоа потрошувачите се изложени на поголем ризик. Тековната законска рамка (Законот за платниот промет, Законот за банки, Законот за девизното работење, Законот за паричната единица на Република Македонија, како и Законот за употребата на паричната единица на Република Македонија) не познава термин криптосредство или дигитално добро, што е случај и во поголемиот број земји во светот – посочуваат од Народната банка.
Оттаму истакнуваат дека криптосредствата немаат статус на депозити, при што не постои механизам во кој клиентите ќе бидат обесштетени преку Фондот за осигурување депозити, како што е случај со средствата вложени во банка што има дозвола за основање и работење.

Копањето дигитални пари црпи многу струја

Во меѓувреме, за да функционира технички целата апаратура, се троши многу електрична енергија и сериозно се оптоварува мрежата.
Од ЕВН за медиумите велат дека потрошувачката особено скокнала.
– Едно домаќинство, ако има потреба од одредена потрошувачка, доколку инсталира компјутери што копаат криптовалути, тоа значи дека може да потроши енергија за 20 или за 30 домаќинства, што го нарушува напојувањето на сите соседни корисници на таа напојна точка – истакнува Ленче Карпузовска, менаџерка на Одделот за комуникации во ЕВН.
Според податоците од компанијата, појавата е најзастапена во Скопје, Тетово, Арачиново, како и во Чаир, Ченто и Шутка. Не се мал број и случаите на диви приклучувања кон електричната мрежа. Целта е да се избегнат високите сметки, кои за копање криптовалути често се пресметуваат и во стотици евра.
– Прават паралелни диви приклучоци, со паралелни кабли со многу поголеми пресеци и така ја крадат и ја нарушуваат целата околина. Штета трпиме сите, и компанијата и граѓаните. Дополнително, може да настанат проблеми и од типот на пожар или да се запали инсталација што не е соодветна за таа потрошувачка – додава Карпузовска.

Светската битка – про и контра

Светската јавност е длабоко поделена по прашањата поврзани со криптовалутите, а многу од државите воведуваат сосема спротивни и дијагонални закони и правила, едни ги поддржуваат овие финансии, а други ги санкционираат.
Британскиот финансиски регулатор (ФЦА) го забрани работењето на популарните платформа за тргување со криптовалути.
– Бајненс не смее да презема никакви регулирани активности во Велика Британија – се вели во соопштението на ФЦА, кое го пренесува телевизијата Си-ен-ен.
Бајнанс, една од најголемите криптоберзи во светот, им овозможува на инвеститорите да купуваат и тргуваат со криптовалути преку интернет.
Според медиумот, тргувањето со криптовалути не е директно регулирано во Велика Британија, но продажба на финансиски деривати е забранета и за неа е потребно е одобрување од државата.
Слично како Британија, и Кина ги забрани критповалутите. Имено, Кинеската централна банка ги прогласи за незаконски сите трансакции што го вклучуваат биткоинот и другите виртуелни валути, како дел од својата кампања да ја блокира употребата на неслужбени дигитални пари.
– Трансакциите со виртуелни валути се „строго забранети“ – пишува на веб-страницата на Народната банка на Кина, чија информација до светската јавност ја пренесе Дојче веле.
Од друга страна, во екот на пандемијата, една од најразвиените европски земји, Шведска, информира дека ги легализира криптовалутите. Стефан Ингвес, гувернер на Шведската централна банка, го спореди тргувањето со криптовалути и биткоин со собирање и продажба на поштенски марки.
Во исто време, Ингвес не негира дека е можно да се заработи мало богатство со тргување со криптовалути, но тоа е можно и со тргување со поштенски марки.
Гувернерот на Шведската централна банка рече дека биткоинот најверојатно ќе биде предмет на регулација, бидејќи неговата популарност расте.
Претходно, пак, белорускиот претседател Александар Лукашенко потпиша декрет со кој се легализира трансакцијата во криптовалути, како биткоин.
По потпишувањето на декретот, Лукашенко рече дека овој потег е насочен кон привлекување странски инвеститори и ја претвори Белорусија во регионален центар за технологија, што ги прави интернет-трансакциите побрзи и посигурни, како и анонимни.
Лукашенко напомена дека владата во Минск сака да создаде услови за поттикнување на глобалните ИТ-фирми да основаат филијали, истражувачки центри и производствени капацитети во Белорусија. Декретот ги прави првичните монети и трансакции во криптовалути правни и сите такви занаети нема да се оданочуваат до 1 јануари 2023 година.
Радио Слободна Европа (РСЕ) за легализацијата во Белорусија информира дека ИТ-секторот на земјата е една од неколкуте успешни приказни во државата.
– Денес во Белорусија има околу 115.000 ИТ-специјалисти, со просек од 1.800 долари месечно, што е далеку над националниот просек – информира РСЕ.
Во соседна Србија, пак, во процес е легализација на овие валути. Имено, според пишувањето на српските медиуми, во земјата е изгласан закон со кој се легализира тргувањето со дигитални валути. Законот ќе стапи во сила на 29 декември 2021 година, а ќе започне да се применува по шест месеци, за јавноста да се запознае со негова примена.
Српскиот регулатор за хартии од вредност информираа дека законот е донесен во соработка со Народната банка на Србија, Министерството за финансии и Министерството за економија и има цел да го отвори секторот за пазари на капитал во земјата и да им дозволи нови можности на своите граѓани.

[email protected]