Тоа што е ветено, тоа треба да биде испорачано, вака министерот за надворешни работи, Бујар Османи одговори на прашањето дали во средината на јануари ќе се надминат проблемите со Бугарија и ќе се отпочнат преговорите со Европската Унија. Според него, постојаните одлагања, носат колатерални штети на јавноста и полтичарите.

– Ние го заслужуваме овој процес. Нема да престанеме да работиме додека не станеме членка на ЕУ. Се разбира дека тоа има колатерални штети. Сметам дека не треба да ги оставиме мирни ниту Брисел, ниту Софија. Тоа е ветено, тоа треба да го испорачаат, па и по цена на трошење на политичкиот капитал, на секој од нас – посочи Османи.

Тој додаде дека Македонија нема да прифати чекори кои ќе значат неизвесност.

– Преговарачката рамка е документ на Советот на ЕУ, но тој документ мора да го прифатиме и ние. Нашиот став ќе биде јасен, дека повеќе нема да прифатиме било какви чекори кои ќе значат неизвесност кои ќе значат продолжување на процесот. Повеќе од една година барам да се одржи вториот состанок на меѓувладината комисија, бидејќи тоа е најобјективниот барометар за тоа дали се имплементирал Договорот со Бугарија. Другите оценувања се необјективни – додаде Османи.