Христијан Мицкоски и Јоханес Хан

Додека од една страна се препорачува со резерва да бидат толкувани изјавите на меѓународните претставници, во однос на случувањата поврзани со најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, од другата страна се укажува дека оттаму, сепак, произлегуваат мошне спротивставени ставови, особено кога станува збор за реализацијата на преспанската спогодба, што, според некои аналитичари, би можело да значи дека партијата спроведува дволична политика, односно дека има едно лица за дома, а друго за надвор

Различните тонови што во последниот период произлегуваат од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, во однос на начинот за решавањето на спорот за името со Грција за кој се определи Владата, како и во односите кон челниците на ЕУ, како да излегуваат надвор од принципите и начелата за кои партијата се залага дома, така што се наметнуваат сомнежи дека таа настапува со две лица, со едно надвор кон Брисел, а со друго дома кон јавноста.
Овие колебања кај дел од домашните познавачи на состојбите повторно се актуализираа, особено по последната средба на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на маргините од Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Хелсинки, по што имаше интересна порака на Твитер, во која еврокомесарот ја поздрави посветеноста на Мицкоски да не ја попречува постапката за ратификација на преспанската спогодба во парламентот.

Имајќи го предвид досегашниот став на ВМРО-ДПМНЕ во однос на името и на преспанската спогодба, ваквите „нови нијанси“ што ги напиша еврокомесарот ги нема во соопштението на партијата објавено по средбата Мицкоски – Хан. Опозициската партија само кратко соопшти дека „на средбата Мицкоски нагласил дека стратегиски приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е членство на Република Македонија во Европската Унија, дека во таа насока партијата ќе продолжи да дава значителен придонес и дека Мицкоски го информирал Хан за политичкиот прогон и злоупотребата на правосудството против ВМРО-ДПМНЕ“.

За сомнежите да бидат помали околу горенаведените тези, „Нова Македонија“ постави прашање до раководството на партијата, во кое побаравме ВМРО-ДПМНЕ да ни го соопшти најновиот став по средбата на Мицкоски со Хан, да го објасни твитот на еврокомесарот во кој се наведува дека претседателот на партијата се заложил да не ја опструира преспанската спогодба во парламентот и да одговори дали партијата планира да го поддржи одржувањето на семакедонскиот протест токму против уставните измени, кој, според најавите, ќе се одржи на 18 ноември пред Собранието во организација на Светскиот македонски конгрес.

Од ВМРО-ДПМНЕ во однос на првото прашање ни одговорија дека претседателот Мицкоски имал отворена средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, на која биле изнесени позициите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на целокупниот процес.

– Беше констатирано дека по гласањето во Собранието веќе е создадена нова реалност во која однародената и криминална власт обезбеди двотретинско мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ, како и досега, ќе ги искористи сите демократски инструменти за да се спротивстави на капитулантскиот договор од Преспа – велат од партијата.
Во однос на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на протестот за промена на уставното име, кој е во организација на СМК, до затворањето на весникот не добивме одговор.

Според познавачот на состојбите Ристо Никовски, треба со резерва да се земат сите изјави од европските челници што доаѓаат во овој период, а се поврзани за преспанската спогодба и нејзината имплементација во Собранието.

– Изјавата на Хан околу средбата со Мицкоски треба да се земе со одредена резерва, бидејќи во последно време комесарот се однесува кон Македонија на еден крајно безобѕирен начин. Да потсетиме дека тој порачуваше дека спогодбата треба да се истурка во Собранието дури и со балкански методи, што е синоним за нечесност. Тој е на крајот од својата европска кариера и очигледно сака да си ја припише заслугата за преспанскиот договор на свое конто и затоа сега нема никакви скрупули и да дојде до тоа. Што се однесува до нашата опозиција, таа ако сака да ја одржи партијата, мора да биде доследна во одбраната на македонскиот карактер на оваа држава – заклучува Никовски.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Димитар Димов вели дека внатрепартискиот раскол што владее во најголемата опозициска партија ВМРО -ДПМНЕ се наметнува и во надворешната политика што таа ја застапува.

– Повеќе од јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ по последните поделби во партијата ги губи и легитимитетот и довербата пред граѓаните дома. Конфузните изјави на нивните челници што првично беа дека таа нема да дозволи промена на Уставот за промена на уставното име, гледаме дека деновиве се кристализираат и одат во насока дека тие сепак размислуваат да ја поддржат преспанската спогодба заедно со новонастанатата ситуација во Собранието. Ова говори дека партијата води двосмислена политика, како дома така и во ЕУ и НАТО, чекори што пак во исто време ги загрозуваат националните интереси на Македонија – вели Димов.

Слично како него размислува и аналитичарот Петар Арсовски.
– Секако дека има различна порака кон меѓународната заедница и дома. Сега првпат слушаме дека Мицкоски нема да го саботира договорот од Преспа. Ова е салто во неговата политика. Да видиме дали оваа изјава ќе се преточи во реална состојба дома. Доколку не се случи тоа, единствениот заклучок е дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува двосмислена политика, односно партијата има едно лица за дома, а друго за надвор – подвлекува Арсовски.


Мијалков со ново писмо до Мицкоски

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој неодамна беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, го обвини партискиот лидер Христијан Мицкоски дека доживеал голем срам на меѓународна сцена од сестринските партии, кои се дел од Европската народна партија, со тоа што на Конгресот на ЕНП во Хелсинки. Мијалков го обвинува Мицкоски за лажен патриотизам и лицемерство.
– Биди еднаш искрен и признај и пред членството и пред граѓаните, какви се тие твои заложби за конструктивност што му ги вети на Хан. Дали Хан лаже за твоите заложби – го прашува Мијалков Мицкоски во писмото.
Ова е второ отворено писмо на Мијалков до Мицкоски во рок од две недели.