Неодговорните млади луѓе неизбежно ќе им го донесат вирусот дома на своите родители, баби, дедовци… И повторно ќе почне да расте учеството на постарите. Кои имаат и хронични заболувања. А тоа ќе резултира и со зголемување на смртноста… Одговорноста, дисциплината, самоконтролата кај секој од нас мора да се на највисоко ниво, во спротивно веќе многу скоро ќе имаме домино-ефект!

Предупредување од епидемиолозите да се пресретне домино-ефектот

Кои се најголемите преносители на коронавирусот, дали заразените лица со очигледни симптоми или асимптоматските случаи? Оваа дилема се појавува во јавноста откако почна да рате бројот на позитивни случаи, особено и кај помладата популација. Голем број позитивни случаи се или со незабележливи симптоми или, пак, асимптоматски, но колкав е ризикот токму тие да бидат и преносители на вирусот?
Според епидемиологот Драган Даниловски, интересно е што бројот на тешките случаи на кои им е потребна хоспитализација не расте пропорционално со бројот на новорегистрираните позитивни случаи.
– Бројот на хоспитализирани кај нас е практично ист како на крајот на јули (428 на 26 јули), нешто над 400 (поточно 419) на 11 октомври. А на крајот на јули имавме двапати помалку регистрирани случаи дневно (150-190) – објаснува епидемиологот.
Посочува дека причините се состојат во тоа што сега имаме многу поголемо учество на помладите возрасти, меѓу 20 и 40 години.
– Но веќе многу скоро ќе имаме домино-ефект! Тие неодговорни млади луѓе неизбежно ќе им го донесат вирусот дома на своите родители, баби, дедовци… И повторно ќе почне да расте учеството на постарите. Кои имаат и хронични заболувања. А тоа ќе резултира и со зголемување на смртноста – вели Даниловски.

Според него, лесните случаи се стопроцентни преносители. Оние без симптоми се околу 20-25 отсто од вкупниот број позитивни.
– Според најновите студии, тие се заразни само во 65 отсто случаи. Преостанатите 35 отсто се само позитивни, но не се случаи на инфекции, туку се само носители на вирусот (или само на негови фрагменти) на слузокожата на носот и грлото – додава тој.
Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за „Нова Македонија“ посочува дека оние кај кои е регистриран позитивен тест на вирусот но имаат лесни симптоми се детектираат како лесни случаи и главно се на домашно лекување.
– Сите тешки случаи, со големи симптоми, главно компликации со пневмонии и други заболувања, се на болничко лекување – посочува Филипче.
Микробиологот Никола Пановски вели дека сите пациенти кај кои тестот покажал позитивен резултат, а истовремено имаат симптоми на болеста се сигурни преносители на вирусот.
– Вирусот може да го пренесат на друго лице првите неколку дена откако и тие самите ќе го добијат вирусот, а најмногу кога ќе се појават и првите симптоми на болеста – посочува Пановски.
Според него, сѐ уште има дилеми во разните анализи и истражувања дали лицата со лесна симптоматологија или оние што се асимптоматски случаи може лесно да го пренесат вирусот на друго лице.

– Не се знае кога едно лице може да развие симптоми на болеста. Можеби кога ќе го добие вирусот веднаш да не развие симптоми, но може да ги добие и по една недела од присуството на вирусот – додава Пановски.
Бројот на активни случаи со коронавирус во земјава се искачи над 4.000 лица.
Изминатиот викенд од тестираните, дури 23 отсто беа позитивни, што е највисок процент од почетокот на пандемијата во земјава. Од вкупниот број активни случаи, во Скопје има 1.792, во Струмица 267, во Тетово 222, во Кочани 218, во Куманово 176, во Прилеп 170, во Штип 123, во Битола 104.
Болничките капацитети на Инфективната клиника во Скопје се на работ на исполнетост, а во функција е ставена и монтажната болница.
На Инфективната клиника се лекуваат 93 пациенти, од кои 53 се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле се лекуваат пет деца и шест мајки позитивни на ковид-19, а едно дете и една мајка се сомнителни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 45 пациенти. На респиратор се тројца пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 29, а во болницата во Штип се 48 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и во Струга се хоспитализирани 191 лице позитивни и сомнителни на ковид-19.

[email protected]