Европската Унија сѐ уште ја нема загубено целосно битката за Балканот, но мора да направи стратегиска промена порано отколку подоцна. Кина е важен предизвикувач во регионот, иако алтернативата што ја нуди можеби нема да биде толку суштинска како што изгледа, а, пак, Русија нема многу што да добие од овој регион. Ова се заклучоците на учесниците на првата сесија на конференцијата „Балкански перспективи: стратегиски регион“, организирана од Фондацијата на колеџот за безбедност на НАТО.
На сесијата за конкуренција за влијанието меѓу големите сили во Црно Море и на Балканот, модерирана од шефицата на Бирото на Дојче Веле во Брисел, Александра фон Намен, претходеа поздравните зборови на претседателот на Фондацијата, Алесандро Минуто-Рицо.
Хелена Легарда, виша аналитичарка во институтот „Меркатор“ за кинески студии во Берлин, рече дека Пекинг нема стратегија за целото Црно Море и за Балканот. Како што објасни Легарда, тоа најчесто се поврзува со земјите билатерално, или преку иницијативата 16+1.
– Кина е новодојденец во регионот. Нејзиниот отпечаток од стапало е доста плиток, но брзо се шири – рече таа.

Легарда рече дека Пекинг го гледа сегашниот момент како стратегиска можност за Кина да ја врати својата позиција како глобална сила.
За кинеското раководство, западната хегемонија е аномалија. Сака да доминира во 21 век на ист начин како што тоа го правеше Западот во 20 век. Треба да го намали и замени влијанието на САД и ЕУ. Со ова, регионот на Црно Море и Балканот е атрактивен регион за Кина, односно плодна почва. Многу земји се незадоволни од ЕУ, се чувствуваат напуштено и покровители на ЕУ, па Кина може да ја пополни оваа празнина – рече Легарда.
Според неа, присуството на Кина е економско, но Пекинг не ги раздвојува економските и политичките и стратегиските размислувања. Со инвестициите доаѓаат поблиски врски со политичката класа.
Според македонскиот воено-безбедносен аналитичар Милан Стефаноски, оваа тема е актуелна зашто Отворен Балкан е идеја токму во контекст на тоа дека проширување на ЕУ нема да има во скоро време.
Постои иницијатива 16+1, на Источна Европа и на Кина, но таа нема вредност, зашто ЕУ не толерира нарушувања на економските пазарни логики. Ако ја анализираме изјавата на Џо Бајден, Кина има реално прецизен интелигентен пристап во државите што сѐ уште кубурат со корупција, како што се нашата земја, Романија, Унгарија, Црна Гора, Косово. Секаде каде што имаат „чепнато“ со развојни политики, секаде има проблем. Кинезите немаат искрена економска платформа кон Балканот, туку имаат затскриена доктрина, која сака да ги доведе државите да бидат потчинети, односно економски зависни. Кина има стратегија на развој на инфраструктура во делови на Европа, бидејќи инфраструктурата кај нас, односно на целиот Балкан е слаба. Слаба е зашто ова подрачје било под конфликти, па сега Кина со развој на економски план за Балканот ќе има достапни кредити за да ја развиваме инфраструктурата – смета Стефаноски.

За железницата Ниш – Скопје, кредитот е од ЕУ, односно ЕУ дала подобра економска понуда од Кинезите.
Станува збор за економски влијанија, а Европа можеби и доцни. Кина е прв глобален играч на Балканот за развој на брза железница од Солун, ним им одговара да се спои со Унгарија. Таа идеја Кина ја протежираше пред десет години, ним им треба Европа како пазар. Отворен Балкан е ставање под контрола на некои држави, да можат да почнат да гравитираат кон ЕУ и да не можат да бидат зона на интерес на Кина и Русија. Никој не кажа зошто токму сега се форсира овој концепт. Идејата е да се отворени границите, со контрола на стоките. Тоа е идеја што веќе функционира во ЕУ и е добра – смета аналитичарот.
Во однос на руското влијание, тој смета дека тоа нема врска со она на Кина.
– Тие се обидуваат да се вратат на Балканот преку гасоводот Руски тек. Тој требаше да оди преку Бугарија и Грција, преку Македонија и да оди во Унгарија. Тоа беше првиот сериозен обид за влез. Но интересот не им е економски, тие имаат тактика на замрзнување конфликти, за да можат еден ден да седнат и да преговараат. Колку повеќе замрзнати конфликти, толку позицијата на Москва е посилна. За нас е најдобро да гравитираме кон ЕУ, да ја гледаме таа платформа, таа вредност, а во исто време да соработуваме со САД. Малите држави како Македонија, Косово, Црна Гора, немаат капацитети да одговорат на оваа опасност. Ние вредносно гравитираме кон ЕУ, ние сакаме права, правда, економија, па затоа треба да почнеме да ги правиме реформите – потенцира Стефаноски.