Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Имаме целосно, целосно потфрлање на системот кој нефункционира, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција, барајќи одговорност за ситуацијата.

– Ова не е прес конференција да судам, ниту да давам квалификации за владиниот неморал. Сакам да испратам апел за целосна мобилизација на се што може да се мобилизира од институции, ресурси и човечки потенцијал и заеднички да се спротиставиме на огнениот пустош. Апелирам, човечки молам, владините институции да го прават тоа за што се платени, да му служат на народот. Граѓаните се исплашени и под притисок. Имаат чувство дека се оставени на цедило. Сакам да направам јасна разлика и да потенцирам дека народот, пожарникарите и службите кои се на терен и помагаат, ја имаат мојата помош и поддршка, но она што недостасува е отсуството на институционално раководење со тие сили – истакна Мицкоски.

Тој посочи дека дена ВМРО-ДПМНЕ е во целосна мобилизација. Сите раководства на општинските комитети ширум државата се на терен, Унијата на млади Сили, Унијата на жени, ветераните и сите останати му помагаат на народот, што со физичка сила, што со хуманитарни акции.

Мицкоски апелира да се формира централно кризно тело.

– Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци. Мора да се ангажираат најдобрите експерти и да се искористат најдобрите човечки потенцијали – кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој повика во најкус можен рок и Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија, за јавно да се изнесат слабостите и  за да се најдат решенија.

Мицкоски најави дека денес ќе биде во Пијанец и Малешевијата.

– Колку е тоа потребно, толку ќе останеме таму. Ќе обезбедиме во рамките на нашите можности намирници и вода за народот. Повикувам тоа да го направат и сите други општествено одговорни субјекти. Ќе повторам ги повикувам сите општествено одговорни во државата да помогнат на народот, а ВМРО-ДПМНЕ остануваме со народот. Не можеме да направиме чуда, но заедно ќе ја добиеме и оваа битка. Со подадена рака, со споделена мака, заедно ќе бидеме уште посилни – заклучува Мицкоски.