Денес, по разни животни премрежија, професиоинални и лични предизвици, исправен сум пред големиот предизвик, ветувам дека ќе го претворам во успех кој ќе донесе подобар живот во Битола, рече Христо Кондовски, кандидатот на СДСМ за градоначалник, на првата одржана прес-конференција со новинарите.

– Со своето знаење, вештини како докажен и успешен менаџер застанувам пред битолчани со намера своите вештини , способности и контакти да ги ставам во функција на локалната самоуправа. Општина Битола да продолжи по патот на развој и просперитет со забрзана динамика. Мојата намера е да обединувам и да овозможам континуитет на она што досега е сработено во мандатот на почитуваната градоначалничка Наташа Петровска, а да овозможам со што повеќе работа тоа да се надогради и развива во посакуван правец за општина Битола – рече Кондовски.

Тој најави дека наскоро пред грѓаните ќе излезе со изборната програма во која ќе бидат вклучени сугестиите и барањате на битолчани што неговите сопартијци ги нотирале на терен.

– Во нашата изборна програма ќе има неколку капитални инфраструктурни проекти, 10 кои ќе бидат поголеми и останатите според теренските испитувања кога сопартијците ги нотирале одејќи од врата до врата и во месните комитети. Ќе ги разгледаме сите работи и ќе го ставиме она што е најдобро за Битола. Динамиката на реализација на тие проекти ќе биде егзактно брза и тоа досега Битола го нема видено. Ефикасноста, брзината на работењето. Досега имало добра намера, домаќинско работењето требало само да се изменаџира побрзо. Се менаџирало, не велиме дека не се менаџирало, но трбало уште подобро да се менаџира, треба да се направи некое преструктурирање на јавните претпријатија од аспект на ефикасност – рече Кондовски.

Запрашан што е најголемиот проблем во Битола, Кондовски одговори дека тоа е ефикасноста, брзината во работењето. За инфраструктурата во општината тој рече дека во изминатите две и пол години е направено многу и дека ќе продолжи со инфраструктурните проекти многу поагресивно што ќе биде забележано во првите две години доколку го добие мандатот. Кондовски најави дека ќе види позитивна кампања.

– Па оној што ќе биде опонент како градоначалник, го канам уште првиот ден на кафе за да пуштиме рака, на една ферплеј позитивна кампања. На битолчани им е смачено да слушаат кој колку не чини, треба да слушаат кој колку ќе работи – рече Кондовски на неговото прво појавување во јавноста по добивањето на мандатот од СДСМ. М.М.