Талибанските лидери, кои по заземањето на власта во Авганистан бараат по секоја цена да добијат меѓународен кредибилитет, им порачаа на земјоделците да престанат да одгледуваат афион и да се запре какво било тргување со оваа билка во земјата.
Имено, како што пренесува „Волстрит журнал“, ваквиот чекор на новиот режим во земјата придонесе драстично да се зголеми цената на афионот во Авганистан и на светските пазари, кој најчесто се користи за производство на опиум, а подоцна и на хероин.

Дополнително, интересно е што претставниците на талибанците изминативе денови започнаа да собираат земјоделци и селани од Кандахар, провинција што произведува најмногу афион, за да им кажат дека посевите со оваа билка, кои беа главен дел од локалната економија, сега ќе бидат забранети.
Овој потег дојде откако портпаролот на талибанците, Забиула Муџахид, на 18 август рече дека новата влада на Авганистан нема да дозволи трговија со дрога. Муџахедините тогаш не изнесоа детали за тоа како исламистичката група има намера да ја воведе забраната.

Во меѓувреме, локалните земјоделци во провинциите Кандахар, Урузган и Хелман изјавија дека цената на непреработениот афион се зголемила тројно, па наместо 70 долари, килограмот сега чини по 200 долари, поради неизвесноста за идната продажба.
Инаку, талибанците, според западните влади, веќе долго време се еден од главните профитери кога станува збор за наркопазарот, користејќи дрога за финансирање на 20-годишниот бунт против западните сили.
Како што пренесуваат медиумите, 80 проценти од светскиот илегален извоз на опијати доаѓа токму од Авганистан, а сезоната на садење афион започнува за еден месец.