Словенечките пратеници Франц Богович, Тања Фајон и Клемен Гросеј истакнаа дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е долгорочен, но многу важен процес.

Во онлајн-дебата организирана од Канцеларијата за врски на Европскиот парламент, тие оценија дека оваа недела самитот ЕУ-Западен Балкан претставува можност да се потврди посветеноста за проширување.

Богович, Фајон и Гросеј се согласија дека ЕУ е должна да им понуди позитивни промени на граѓаните од Западен Балкан, што треба да ги почувствуваат уште пред да влезат во ЕУ, пренесуваат агенциите.

Тие предупредија дека проширувањето кон Западен Балкан е многу долг процес и дека луѓето во тој процес не смеат да ја изгубат желбата да се приклучат на Унијата.

ЕУ треба да ја подобри директната комуникација со граѓаните од Западен Балкан, рекоа тие и се согласија дека вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ кога ќе ги исполни критериумите за пристапување е во интерес на целиот регион.