Премиерот Зоран Заев денеска ги прими членовите на македонскиот дел на Интердисциплинарниот комитет за историски, археолошки и образовни прашања формиран од нашата земја и од Република Грција во согласност со договорот од Преспа.

Членовите на Интердисциплинарниот комитет, со кој претседава амбасадорот Виктор Габер, и во кој членуваат д-р Ана Чупеска, професор и политиколог, д-р Људмил Спасов, професор лингвист, проф. Фехари Рамадани, професор и историчар, д-р Далибор Јовановски, професор и историчар, и д-р Никос Чаусидис, професор и археолог, и во отсуство на д-р Кица Колбе, го информираа премиерот Заев за досегашниот напредок на работата на овој Комитет на експертите, а во пресрет на петтата средба со нивните грчки колеги.

Во размената на мислења на средбата констатирано е дека се постигналио ниво на конструктивна соработка во Комитетот во рамките на одредбите на договорот од Преспа и дека се утврдени заеднички правци за постигнување решенија за препораките што овој Комитет треба да ги достави до владите на Република Македонија и Република Грција како добра основа за изнаоѓање конкретни решенија за историските наративи, кои ќе ги едуцираат идните генерации во европскиот дух на разбирање и соработка.

Заев ги запозна членовите на Комитетот со актуелните активности на Владата за обезбедување севкупни услови за имплементација на договорот од Преспа и за поддршката на грчката страна за Република Македонија за почетокот на преговорите за членство во ЕУ добиена за време на неодамнешната посета на Атина и од средбите со премиерот Мицотакис.