Фото: Официјална страница на Владата на Македонија

Претседателот на Владата Зоран Заев имаше средба со лидерите на партии од владината коалиција на која ги запозна со постигнатиот договор со Алтернатива со којшто се зголеми мнозинството во Собранието и ја зајакна Владата.

Премиерот ги запозна лидерите со деталите од договорот, како и со содржината на документот Основни начела за надградба на програмата за работа на Владата кој треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел од новата владина програма.

На средбата од страна на Заев беше презентирано и дека договорот со Алтернатива за зајакнување на парламентарното мнозинство и на Владата значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните.

Заев додаде дека во овие моменти кога најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со пандемијата и се разбира глобалната енергетска криза.

Тој информираше и за делот од договорот со кој Алтернатива презема одговорност за активностите во неколку министерства, институции или подрачни единици или одбори согласно претходно утврдени принципи за постигнување договор за проширување на мнозинството.

Целокупниот процес на одржување стабилност на централната власт во Македонија и натаму ќе биде обезбедуван во духот на демократијата и заради стратешките цели на земјата, но и поради тоа што на граѓаните не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори, туку стабилен период за остварување на приоритетите од владината програма, беше потенцирано на средбата од страна на премиерот.