Извештај на институтот СИПРИ од Стокхолм

Карантини, прекинати дистрибутивни синџири, несигурни потрошувачи, како и енергетска светска криза се дел од нарушувањата што глобално ги предизвика пандемијата, но една бранша се покажа како отпорна на вирусот, а тоа е трговијата со оружје. Ова го посочува последниот извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ). Како што наведува анализата на институтот, продажбата на оружје се зголемила во 2020 година и покрај пандемијата на коронавирусот и нејзиното влијание врз економиите на државите. Сто од водечките светски производители продале оружје и услуги во вредност од 531 милијарда долари минатата година, што е реален пораст од 1,3 отсто во споредба со 2019 година, соопшти СИПРИ. Продажбата на оружје цвета шеста година по ред, и покрај падот на светската економија од 3,1 отсто во првата година од пандемијата, забележува шведскиот институт.
– Гигантите во индустријата за оружје беа во голема мера заштитени од континуираната побарувачка на Владата за воени стоки и услуги. Воените трошоци се зголемија во поголемиот дел од светот, а некои влади уплатија поголеми суми на сметките на индустријата за оружје за да го ублажат влијанието на кризата со ковид-19 – вели Александра Маркштајнер, истражувачка во институтот.
Според анализата, на прво место по бројот на компании што оствариле најмногу профит од продажба на оружје е САД каде што компаниите од земјата продале оружје во вредност од 285 милијарди долари, што е 1,9 отсто повеќе отколку во 2019 година. Русија иако го зазема второто место на скалата на извозници во 2020 година, со петтина учество во глобалните испораки на оружје, таа сепак бележи мал пад во испораката на воената техника низ земјите во светот. Понатаму на листата на СИПРИ се 26 европски компании, кои продадоа оружје во вредност од 109 милијарди долари во 2020 година и пет кинески компании со 66,8 милијарди долари приход од продажба на оружје, 1,5 отсто повеќе од 2019 година.