Хуманитарната агенција на ОН (OЦHA) испрати апел дека се потребни 41 милијарда долари, што е повеќе од побараните 35 милијарди долари за 2021 година и двојно повеќе од сумата што се бараше пред четири години.
Во својот извештај за глобален хуманитарен преглед, OЦHA соопшти дека на 274 милиони луѓе низ светот ќе им биде потребна некаква итна помош следната година, што е за 17 отсто повеќе од бројката за 2021 година, што беше рекордно високо ниво. Се смета дека на едно од 29 лица ќе му треба помош во 2022 година, што претставува зголемување од 250 отсто во однос на 2015 година, кога на едно од 95 лица му беше потребна помош.
Авганистан, Сирија, Јемен, Етиопија и Судан се петте главни кризни жаришта за кои е потребно најмногу финансирање. За Авганистан, со кој управуваат талибанците, потребна е највисока сума од 4,5 милијарди долари.