Необична кампања за справување со коронавирусот во Молдавија

Поранешната советска република Молдавија смисли нов пристап во борбата против пандемијата на ковид-19, која зарази повеќе од 350.000 луѓе во таа земја и предизвика смрт кај речиси 9.000 лица. Како што пренесува РСЕ, здравствените власти користат тактики за шок, црн хумор и поп-музика за да се обидат да ги исплашат луѓето што не биле вакцинирани или кои едноставно не се грижат за вирусот. На пример, едно од видеата од неодамнешната кампања им вели на граѓаните „Не грижете се, ние ги имаме најголемите гробишта во Европа“.
Необичната владина кампања за издигање на јавната свест, спонзорирана од Светската здравствена организација (СЗО), има цел да промовира вакцинација против широко распространетите дезинформации и скептицизам за вакцините, кои се вообичаени низ цела Источна Европа. Официјалните лица во земјата се надеваат дека хуморот и поп-музиката ќе наведат повеќе луѓе да се одлучат за вакцината против ковид-19.
– Класичните аргументи повеќе не функционираат, луѓето повеќе не слушаат, тие се уморни. Дојдовме до идејата дека треба да излеземе од нашата комфорна зона – изјави за РСЕ Валериу Паса, граѓански активист и член на истражувачкиот центар „Вочдог“.