– Претстојните избори во Франција и во Германија, како носечки земји на ЕУ, можат да го забават процесот на проширувањето на Европската Унија, пишуваат деновиве европските гласила. Ваквите најави ја тангираат и нашата земја, која, пак, очекува јасни сигнали за отпочнување преговори со Унијата.

– Аналитичарите, пак, се децидни дека забавување на зачленувањето на ЕУ не е добро за никого, бидејќи само обединета Европа може да гарантира функционална ЕУ, а Унијата не може да биде обединета сѐ додека Македонија не влезе во неа

Претстојните избори во Франција и во Германија, како носечки земји на ЕУ, но и повторените избори во соседна Бугарија, можат да го забават процесот на проширувањето на Европската Унија. Овие дилеми изминатиов период се актуелни во европските медиуми, а секако ја тангираат и нашата земја, која, пак, очекува јасни сигнали за отпочнување преговори со Унијата. Во таа насока најновото споменување на изборите како некаква кочница за проширување на Унијата се гледа како на уште едно алиби што се користи против земјите-кандидатки за членство, меѓу кои и Македонија. Имено, според оваа логика, процесот на ширење на ЕУ не може никогаш да продолжи бидејќи секоја година во одредена европска држава се одржуваат избори, без разлика дали станува збор за локални, парламентарни или претседателски избори.

Американскиот магазин „Политико“ предупредува дека процесот за членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан може да се одолжи година и половина поради закажаното одржување на претстојните избори во Германија и во Франција, кои практично се суперсилите на Европа.

Во меѓувреме, дипломатите и универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека кочењето на проширувањето на ЕУ поради одржувањето избори се само изговор со кој се оправдува затворањето на вратите на Унијата за Балканот и за Македонија.

Поранешниот македонски амбасадор Драган Јањатов вели дека изговорите за одржувањето на изборите во европските држави се само еден евтин термин што, најверојатно, се користи за непрекинато да се одолжува проширувањето.
– Сите овие настани немаат никаква логика, некој очигледно не сака да го види Балканот, а со тоа и Македонија во ЕУ уште 10 до 15 години – вели Јањатов.
Тој вели дека она што е битно во моментов во оваа приказна е да видиме до каде ќе идат новите барања за попуштање во спорот со Бугарија, а тоа, најверојатно, ќе се соопшти по завршетокот на визитите на највисоките луѓе на Унијата на двете земји – вели Јањатов.

Јањатов мисли дека овие изговори за одложување на процесот само бидејќи главните сили требало да одржат некакви избори, многу наликуваат на оние кажани за турскиот процес за членство во ЕУ.
Јањатов поентира дека најдобро овие состојби можат да се објаснат со една древна европска мудрост, која вели дека судбината на малите народи се такви во политиката, во кои кога другите или моќните свират тие единствено треба да танцуваат на нотите на музиката.

Универзитетскиот професор Михал Вит мисли дека процесот на проширувањето на Унијата е пред сериозна криза.
– Балканските земји, а особено Македонија за исполнување на стратегиските цели, односно членство во ЕУ, многу вложија во изминативе години. Иако реално нивото на функционирањето на Балканот не е на нивото на ЕУ, сепак мора да се констатира дека овој регион од Европа минува историски низ најтешкиот процес за членство. Тоа не беше така кога земјите од Балтикот или од Источна Европа беа примени во Унијата. Ниту тие не беа на нивото на тогашната ЕУ, ниту пак е возможно некој без да биде член да функционира како државите од Унијата. Она што е проблематично во овој контекст е што се добива впечаток во последните години дека Брисел се обидува на секој можен начин да се откаже од зачленувањето на Македонија и на земјите од Западен Балкан – вели Вит.

Тој заклучува дека ова забавување на зачленувањето на ЕУ не е добро за никого, бидејќи само обединета Европа може да гарантира функционална ЕУ, а Унијата не може да биде обединета сѐ додека Македонија не влезе во неа.

[email protected]