Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска на прес-конференција информираше за усвојувањето на Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија (НПАА 2021-2025), која што е целосно преструкртуирана според новата кластерска методологија за пристапни преговори.

– Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, е веројатно најкомплексниот и секако еден од најобемните стратешки и програмски документи што ги дефинира стратешките правци, приоритетите, динамиката и потребните ресурси, како и активностите за прилагодување на националните институции кон европските административни структури – посочи вицепремиерот.

Во тој контекст, Димитров нагласи дека клучната цел на НПАА е да ја исцрта националната траекторија до целосна европеизација, додавајќи дека можеби Бугарија може да ги блокира пристапните преговори, но никој не може да не’ спречи да работиме на европската агенда дома.

– Оваа ревизија на НПАА не е стандардна и битно се разликува од сите претходни, прво, заради тоа што во март 2020 година земјите членки на Европската Унија донесоа безусловна одлука за почеток на пристапните преговори, со што очекувањата се дека земјата ќе биде поамбициозна во динамиката, но и ќе носи подобри стратешки дефинирани цели, поради што оваа НПАА е целосно преструктуирана според новата кластерска структура, и тоа не само технички, туку и суштински – објасни вицепремиерот.

Во координација на СЕП, НПАА е подготвена со активно учество и соработка на повеќе од 800 државни службеници од 150 институции, но била предмет и на широка консултации и со 60 претставници на граѓанскиот сектор.

– Префериравме квалитет пред брзина и консензус пред едностраност, утврдена временска рамка пред безвременост и јавна отчетност. Следен предизвик ќе биде доследноста во имплементацијата на НПАА. Треба да докажеме дека имаме стабилна демократија и дека ориентацијата и динамиката нема да ја менуваме со секои избори – нагласи Димитров.