Министерот за надворешни работи Никола Димитров му сугерира на премиерот во техничката Влада, Оливер Спасовски да предложи до Собранието разрешување на техничката министерска за труд и социјална работа, Рашела Мизрахи, по отстранувањето на таблата со уставното име на институцијата.

– Доколку министерката Мизрахи веднаш своето делување не го врати на линија и во рамките на Уставот, му сугерирам на претседателот на Владата, Оливер Спасовски, да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е веќе работа во деолкруг на други државни органи – рече денес министерот Димитров.

Министерството за надворешни работи за настанот ги информирало меѓународните партнери на Северна Македонија, а во меѓувреме добиле и вербална нота од Грција во која стои „Ова претставува грубо прекршување на член 13, а и член седум од Договорот од Преспа, и доаѓа по повторени прекршувања на овој договор од страна на министерот за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи. Амбасадата го посочува на внимание од Министерството фактот дека Договорот од Преспа кој што претставува стожер на односите меѓу Грција и Северна Македонија и кој го овозможува влезот на Северна Македонија во НАТО Алијансата и нејзината кандидатура за отворање на преговорите за пристапување кон ЕУ со полна и активна поддршка од Грција, мора да биде доследно и постојано почитуван“.

Димитров смета дека е премногу да очекува од министерката Мизрахи да го разбере историското значење на Преспанскиот договор за афирмација на македонскиот идентите,т за заокружување на државноста во Обединетите нации, за зачленувањето во НАТО и за започнување пристапни преговори со ЕУ, но нагласи дека таа е должна да ја разбере сопствената заклетва потпишана во Собранието и сопствената функција, министер за труд и социјала во една техничка Влада и да разбере што значи Устав на една држава оти флагрантното кршење на Уставот повлекува полтичка и правна одговорност.

Тој јавно ја потсети министерката Мизрахи дека нејзина обврска во техничката Влада е да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на организирање фер и демократски избори.

 – Наместо тоа, таа со овој чин не само што го згази Уставот, туку го прекрши и Законот за ратификација на преспанскиот договор, ги проблематизира односите со соседна Грција, создаде проблеми во реализација на дводецениските стратешки цели на татковината – членство во НАТО и во Европската Унија. Државата нема да дозволи ваква инфантилност. Министерството за труд и социјална политика не е нејзин приватен стан, како што Уставот не е обично парче хартија. На министерката може да не и се допаѓа Уставот или договорот од Преспа, но тоа не и дава право да не ги применува. Без начелото на уставност и законитост од државата нема да ни остане ништо. И мене не ми се допаѓа проектот „Скопје 2014“ но одам на работа во МНР – рече министерот Димитров.