Со Бугарија немаме заедничка историја, велат од Демократски сојуз. Од партијата велат дека негирањето на македонскиот национален идентитет од страна на Владата на Бугарија е класичен непријателски чин, а ветото на евроинтеграцискиот процес на Македонија е антицивилизациско, антиевропско однесување, со тешки последици по безбедноста, стабилноста и мирот на Балканот и пошироко.

– Треба многу јасно да ѝ соопштиме на Владата на Бугарија, дека немаме заедничка историја, дека македонскиот народ има посебна автентична историја и ‘корења’ и дека не прифаќаме уцени и условувања како суверена и независна, проевропска и модерна држава – велат од ДС.

Демократскиот сојуз ги повикува лидерите на земјите членки на Европската Унија да направат сè што е во нивна моќ, Македонија да може да чекори напред.

– Сигурни сме дека само на тој начин ЕУ ќе влијае на стабилноста, јакнење на демократските капацитети и економскиот развој на балканските држави. Правдата, меѓусебното разбирање, почитување на различностите и разрешување на отворените прашања преку дијалог, се вредности за кои се залагаме и за кои сме цврсто определени. Сме за добри односи со сите соседи, вклучително и со Република Бугарија, без какви било резерви и условувања. Наместо негирања и блокади, сме за слободно движење на луѓето, капиталот и идеите – велат од Демократски сојуз.