Фото Дарко Андоновски

Зголемениот број обраќања на македонските граѓани до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, секако, се должи на поголемата информираност за нивните права и механизми преку кои тие можат да се остварат, но во голема мера и на фактот дека тие сѐ помалку му веруваат на домашното судство, поради преголемата политизираност, непостоењето одговорност во работата на судиите, начинот на кој функционира судскиот систем, низата процедурални грешки во судските процеси…

Колку му се потребни реформи на правосудството, вклучувајќи го и таканаречениот процес на ветинг, што премиерот Зоран Заев го најави за по изборите, меѓу другото, покажува и информацијата дека во последната година пораснал бројот на предметите што против државата се поднесени пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Познавачите на случувањата во сублимиран заклучок констатираат дека зголемениот број обраќања на македонските граѓани до судот во Стразбур, секако се должи на поголемата информираност за нивните права и механизми преку кои тие можат да се остварат, но во голема мера и на фактот дека тие сѐ помалку му веруваат на домашното судство поради преголемата политизираност, непостоењето одговорност во работата на судиите, начинот на кој функционира судскиот систем, низата процедурални грешки во судските процеси… Според нив, токму поради овие причини Македонија редовно секоја година е во првите десет земји во Европа по бројот на поднесени апликации до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во судот во Стразбур, неодамна информира за оваа состојба и истакна дека загрижувачка е информацијата што пред судот во Стразбур се прифаќаат предмети против државата за дела што се повторуваат, а се поврзани со разни повреди, најчесто на слободата на изразување или на вероисповед, проблематични притвори, тортури…

– Недозволено е кога имаме предмети каде што Европскиот суд за човекови права укажал на проблемите истите тие проблеми повторно да доаѓаат до истиот суд – вели Цаца Николовска.

Според неа, проблеми има и во извршувањето на пресудите, а најпроблематични за извршување се предметите каде што се неопходни и измени на законите.
Таа за новинарите вели дека Европскиот суд го оценува и квалитетот на законите, но и дали правилно се применува постојната законска регулатива.
И поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, оваа состојба ја објаснува со фактот дека граѓаните во земјава очигледно не уживаат соодветна правна заштита и не им веруваат на институциите. Според него, најголем проблем во правосудството се долгите судски постапки, така што и најбаналните предмети со години се влечат низ судските инстанци. Освен тоа, како што додава, на повисоките инстанци, апелациските судови и на Врховниот суд им недостига мериторност во носењето на пресудите, односно тие наместо да изрекуваат пресуди, најчесто предметите ги враќаат на почеток.

Како таков пример Илиев го посочува судењето во случајот „Монструм“, кој наместо да биде решен со мериторност на повисок суд, беше вратен на повторно судење.
– Овој пример не е единствен во судството. Има предмети што со години не можат да се решат бидејќи едноставно нема одговорност во работата против судиите, кои во одредени случаи со избегнувањето носење пресуда можат да одолжуваат еден предмет несразмерно долг рок. Има и предмети што по пет или десет пати се враќаат од повисоки судски инстанци на пониски, врз основа на какви било жалби. На судиите во повисоките судови им е најлесно да го вратат случајот на повторно разгледување и на тој начин се затрупуваат судовите со огромен број предмети – објаснува Илиев.

Тој истакнува дека Управниот суд е конкретен доказ каде се заглавени илјадници предмети, кои, по сѐ изгледа, ќе се решаваат во недоглед. Илиев истакнува дека најмногу поради оваа работа на сите треба да им стане конечно јасно дека реформи во судството се неопходни, пред сѐ заради воведување одговорност на судиите. Само така, според него, ќе се рационализираат судските процедури. Дотогаш, државата ќе добива тужби и ќе губи случаи пред меѓународните судови, а сето тоа ќе се плаќа од буџетот.


Македонија меѓу најтужените во Стразбур

Според последните публикувани информации, од 47 членки на Советот на Европа, Македонија е на деветтото место по бројот на предмети пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а најголемиот дел поднесени апликации се однесуваат на повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, односно е насочено кон функционирањето на судовите.
Годишниот извештај на оваа судска инстанца покажува дека само во минатата година против нашата држава биле поднесени 370 апликации пред судот, а во постапка останале распоредени 339 апликации.

[email protected]