Фото: Игор Бансколиев

Поради корона-кризата и опасноста од ширење на вирусот, Хрватска најави дека ќе го одложи пописот на населението што требаше да се одржи од 1 април до 7 мај, а претходно слични чекори презедоа и Германија, Шкотска, Ирска, Србија, Романија и Бугарија. Какви се размислувањата кај нас

МУТИРАНИОТ ВИРУС ЗАКАНА И ЗА НАЈГОЛЕМАТА СТАТИСТИЧКА ОПЕРАЦИЈА

Појавата на британскиот вид на ковид-19 во земјава, како и немањето политички консензус за најважната статистичка операција, повторно ја актуализира идејата за можно одложување на пописот за да се спречи ескалација на здравствената криза и истовремено да се добие време за постигнување договор меѓу партиите за тоа како да се изведе попис чии резултати никој нема да ги оспорува.
Во моментот во Македонија опаѓа бројот на новозаразени со коронавирусот, но загрижува тоа што се регистрирани првите случаи на заразени со британскиот вид, кој е многу позаразен и поопасен од оној што циркулираше претходно и би можел да предизвика нова ескалација на состојбите, особено во периодот кога е планиран пописот.
Поради корона-кризата и опасноста од ширење на вирусот, Хрватска најави дека ќе го одложи пописот на населението што требаше да се одржи од 1 април до 7 мај, а претходно слични чекори направија и Германија, Шкотска, Ирска, Србија, Романија и Бугарија.
Инаку, поголемиот дел од Европа веќе влезе во ново затворање откако британскиот вид почна забрзано да се шири, а вакцинирањето не се одвива според планираната динамика поради доцнењето во испораката на вакцините.
Македонија има сериозен проблем со набавката на вакцини и најран почеток на вакцинирањето би можело да има во март, така што дилемата што се поставува е дали во ваква ситуација може пописот да се одложи за некој месец во интерес на здравјето на луѓето.
Микробиологот Никола Пановски вели дека ако се остави политиката настрана, би можело да се одложи пописот за месец-два за да се избегне евентуално ширење на заразата.

– Од здравствен аспект посматрано, лично би го одложил пописот за месец-два, но за тоа треба да постигнат консензус политичките партии. Не знам зошто мора да се прави во април, кога и онака луѓето не патуваат ниту во мај, па ниту во јуни нема многу да патуваат додека трае пандемијата – смета Пановски.
Тој додава дека одложувањето би можело да придонесе за намалување на опасноста од ширење на вирусот со тоа што попишувачите би се пречекувале на отворен простор.
– Пописот треба да се прави кога е потопло времето, кога може надвор да се дочекаат попишувачите, на тераса, во двор и слично. Тие што имаат двор да ги дочекаат во двор, тие што имаат тераса на тераса, оние што немаат тераса можат ширум да ги отворат прозорците без да им биде студено. Во таков случај пописот ќе биде побезбеден од изборите што се правеа во јули минатата година – нагласува Пановски.
Според него, ако се согласат политичарите на компромис, тогаш пописот може да се направи кога ќе се процени дека е најбезбедно.
За поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, во следниот период треба да се следи здравствената состојба во земјава и ако дојде до ескалација, тогаш да се разгледа и опцијата за одложување на пописот.
– Ситуацијата со ковид-19 ја следат и Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство, така што доколку дојде до нарушување на здравствената состојба во земјава, тогаш ништо не пречи да се бара одлука пописот да се помести. Тоа е договор на државничко ниво. Впрочем, такви се и препораките на СЗО до сите земји-членки на ОН што во април треба да спроведат попис, ако ситуацијата ескалира, статистичката операција да се одложи – појаснува Герасимовски.

Според него, ситуацијата во Хрватска во моментот е многу покомплицирана во однос на онаа во Македонија.
– Кај нас цел февруари може да се следи состојбата, така што во март работите ќе бидат појасни. Ако состојбата се влоши, пописот може да се одложи. Одложувањето стои како опција, но не за подолг период. Во октомври ние имаме локални избори, така што попис тогаш не може да се спроведува, а не може ниту во септември, ниту во ноември. Ако се одложи, би можел да се направи од 1 јуни. Ние во 1994 година имавме попис од 15 јуни – потсетува Герасимовски.