Градот Балнеарио Камбориу е познат како „бразилскиот Дубаи“ и лесно може да се разбере зошто. Градот со околу 145.000 жители кој се наоѓа на југот на Бразил може да се пофали со необичен рекорд.

И покрај тоа што е мал во споредба со големите градови како Сао Паоло или Рио де Жанеиро, во Баленарио Камбориу има шест од десетте највисоки станбени згради во Јужна Америка, според податоците собрани од меѓународната невладина организација „Советот за високи згради и урбано домување“. Но, буквално постои темна страна на овие бројки.

Повеќето облакодери се наоѓаат веднаш до „Централ Праја“, најпознатата плажа во градот. Оваа концентрација на облакодери е причина плажата да го „изгуби“ сонцето.

– По два часот попладне облакодерите ја блокираат сончевата светлина и фрлаат сенка на плажата. Толку е едноставно – изјавила Сабрина Силва за „Би-би-си“.

Силва која е родена и израсната во Балнаерио Камбориу, вели дека не била на градската плажа „Централ Праја“ повеќе од 15 години. Таа тврди дека сенката создадена од облакодерите ја прави плажата постудена и потемна.

На социјалните медиуми има многу објави за тоа како сенката голта сè, како и неколку забрзани видеа на кои се забележува оваа појава.

– Најлошо од сè е што луѓето треба да се стиснат во тесните сончеви делови што остануваат во просторот помеѓу зградите за да се сончаат. Тоа е пекол и затоа повеќе не одам таму – додаде Силва.

И покрај се оваа плажа сè уште е најпопуларна плажа во градот. Во сончевите денови таа е преполна, дури и за време на пандемијата.

Луѓето кои се желни да уживаат во сонцето им пркосат на ограничувањата на мерките за изолација поради пандемијата. Некои локални жители како Силва велат дека „Централ Праја“ се претвори во нешто повеќе од туристичка стапица со гламурозен поглед.

Други жители како што е историчарот Исак Борба, кој е експерт за минатото на Балнеарио Камбориу, веруваат дека се крева премногу прашина за ништо.

– Времињата се променија. Многу луѓе не сакаат да се сончаат на сонце, бидејќи тоа може да биде опасно за нивното здравје. Сенките всушност им овозможува на луѓето да вежбаат на шеталиштето без многу да се потат – изјави Борба за „Би-би-си“.

Балнеарио Камбориу сè уште е многу популарна дестинација.

Според податоците на туристичките власти скоро еден милион луѓе го посетиле градот во 2019 година, што го прави едно од најпосетувани места во Бразил.

Градот е омилено место на богатите и на славните. Славниот бразилски фудбалер Нејмар наводно минатата година купил пентхаус за 5,7 милиони  долари во една од најновите луксузни станбени населби.

Домашните и странските посетители исто така ги привлекуваат бројните барови, ресторани и ноќни клубови. Во градот има дури и огромно панорамско тркало слично на лондонското и се смета дека е едно од највисоките на континентот.

Исто така, во споредба со попопуларните крајбрежни градови како Рио Де Жанеиро, Балнеарио Камбориу е многу побезбеден. Градот е на четвртото место на списокот со најдобрите бразилски места за живеење, што секоја година го објавува Федералниот завод за статистика на Бразил.

И додека локалното население не ја гледа сенката над „Централ Праја“ како голем проблем, уште во 2001 година, на референдум за оваа плажа, 71 отсто од гласачите ги поддржале мерките за проширување на нејзината линија на песок.

По две децении се чини дека ситуацијата ги загрижи доволно локалните власти во Балнеарио Камбориу за да направат нешто.

Непосредно пред изминатиот Божиќ, градоначалникот Фабрицио Оливеира објавил план за реконструкција на „Централ Праја“ со акцент на операцијата „збогатување со песок“, со што речиси двојно ќе се зголеми сегашната ширина на плажата од 25 метри.

– Ова не го правиме заради сенката, туку затоа што е очигледно дека ќе имаме повеќе сонце со поширока плажа – изјавил Оливеира за „Би-Би-Си“.