ГЕВГЕЛИЈА

Гевгелиското трпезно грозје е на чекор до големите синџири на европските супермаркети. На последната онлајн конференција „Увоз од Југоисточна Европа“, за презентација на препознатливите потенцијални доставувачи на трпезно грозје, сливи и цреши, одржана во Германија, една од водечките мрежи за дистрибуција на свеж зеленчук и овошје во Европа, Гринјард, беа презентирани неколку извозно ориентирани македонски компании. Поточно, беа презентирани компаниите од нашата земја што имаат производствени потенцијали за извоз во големите европски синџири на супермаркети.
– На конференцијата, гевгелиската компанија „Виториа фруит“, партнер на програмата за зголемување на вработеноста ИМЕ, беше претставена како пример на компанија што за неколку години успеа да ги воведе сите стандарди на квалитет, безбедност и пакување на трпезно грозје. Поради тие причини, „Виториа фруит“ стана сигурен партнер на дистрибутивната мрежа Гринјард.

А тоа значи дека трпезното грозје на оваа компанија од Гевгелија е на чекор до најголемите европски супермаркети – информираат од Општината.
На конференцијата, исто така, компаниите „Баџо“ и „Рудине“ ги претставија своите капацитети за производство и извоз на сливи, во согласност со европските стандарди. Воспоставената соработка на македонските компании со дистрибутивната мрежа Гринјард го отвори европскиот пазар за нивните производи. Во прв ред, произведеното квалитетно трпезно грозје и сливи.