Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов истакна дека нема да има преговори со Македонија додека бугарското малцинство не биде внесено во македонскиот Устав.

Борисов на социјалните мрежи напиша дека остварил средба со претставници на бугарското малцинство во Македонија кои му кажале дека се чувствуваат како фантоми затоа што претседателот и премиерот ги третираат како да не постојат.

– На присутните им кажав дека гарантирам дека нема да преговараме со Северна Македонија додека бугарското малцинство не биде наведено како такво во Уставот. Тие знаат дека нашата поддршка како владејачка партија или опозиција зависи од признавањето на бугарското малцинство. Веднаш се договорив на истата тема со Еди Рама, истото го очекувам и од Зоран Заев. За Северна Македонија и Албанија е исклучително важно да бидат во Европската Унија! – пишува Борисов.

Тој рече дека Бугарија во последните месеци западнала во меѓународна изолација, а демократските земји се смеат на нивната слаба дипломатија. Бугарија се тресе од скандали, вели Борисов, наместо да дебатира за важни теми како што се односите со Македонија и кризата со ковид-19.

Борисов вели дека Румен Радев поставува министри со двојно државјанство и се обидува да изврши притисок врз Уставниот суд.